Заинтересирани граѓани за остварување на правото на социјална пензија во висина од околу 6.000 денари веќе се обраќаат до центрите за социјални работи низ државата со цел да се информираат какви документи им се потребни за да можат да го остварат ова право. Надлежните во центрите велат дека интересот е голем и оти во текот на овој месец се очекува граѓаните да ја комплетираат потребната документација и да достават барања. Тогаш, велат тие, ќе треба да се знае бројката на граѓани што ќе можат да го остварат ова право, иако првично беше предвидено дека тоа би можеле да го остварат над 6.000.
- Во текот на изминатиот период има голем интерес од граѓаните за остварување на ова право. Тие доаѓаат во центрите за социјални работи да се информираат кои документи им се потребни за да може да го остварат ова право. Во текот на овој месец тие треба да ги комплетираат документите и да ги достават до центрите. Дури кон крајот на овој месец би можеле да имаме информации колку од граѓаните би можеле да го остварат ова право - вели Наташа Станојевиќ, директорка на Центар за социјални работи Скопје.
Можност за над 6.000 граѓани
При донесувањето на законот од Министерството за труд и социјална политика предвидоа дека со него би можеле да бидат опфатени околу 6.000 граѓани што немаат други извори на егзистенција. Toj беше донесен на крајот од мај годинава. Според неговите одредби, право на надоместок имаат сите лица што се државјани на Република Северна Македонија најмалку 15 години и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж.
За домаќинствата во кои и мажот и жената ги исполнуваат условите за користење на социјална сигурност, надоместокот ќе го користи само еден член бидејќи станува збор за право од социјалната заштита и не е поврзано со пензиското и инвалидското осигурување, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Право на социјална сигурност за старите лица, граѓаните можат да остварат доколку немаат во сопственост имот и имотни права од кои може да се издржуваат, ако не се корисници на пензија од Република Северна Македонија или вид на исплата по основа на старост, инвалидност или доживување од друга држава и не оствариле приходи по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето.
Право на социјална пензија не може да оствари лице кое со решение на центарот за социјална работа е сместено подолго од 30 дена во установа за вонсемејна социјална заштита, здравствена или друга установа.
Висината на месечниот износ на правото на социјална сигурност за старите лица се усогласува со порастот на трошоците за живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари во тековната година. Во случај кога нема пораст на трошоците на живот за претходната година, не се врши усогласување на висината на правото на социјална сигурност за старите лица.
Корисникот на социјална пензија има право на паричен додаток заради покривање дел од трошоците за потрошувачка на енергенси во домаќинството, за месеците од октомври до март.
На корисникот на правото на социјална сигурност за старите лица му се обезбедува и право на здравствена заштита, согласно овој закон и прописите од областа на здравственото осигурување, доколку не може да се стекне со осигурување по друга основа.
Социјалната пензија за намалување на сиромаштијата кај старите лица
Оваа пензија е социјално право, нешто на што укажуваа и експертите, кои сметаа дека на таков начин тоа нема да биде дополнително оптоварување на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Меѓу експертската јавност има мислења дека со вака поставената рамка за социјалната пензија нема да ја подобри релативната сиромаштија, но оти апсолутната сиромаштија ќе ја искорени во целост помеѓу населението над 65 години.
- Социјалната пензија има благ позитивен ефект врз доходната еднаквост во Северна Македонија. Условот за примање на социјалната пензија за брачниот или вонбрачниот партнер да нема никакви приходи е престрог и оневозможува постигнување на главната поставена цел на социјалната пензија, односно извлекување на овие лица од релативна сиромаштија - посочија од Фајнанас тинк во анализата „Дали социјалната пензија ќе ја намали сиромаштијата на старите лица“.
Извор: МИА