X
 07.04.2017 Живот

Земјата со најдобро основно образование која не користи хартија

Неверојатна трансформација на државата за 20 години. Речиси цела земја е покриена со 4G мрежа. Сите жители имаат Интернет, а државата штеди огромни пари бидејќи нема документација. Корупцијата не постои.


Фото: Freepik

Со околу 1,3 милиони жители и за нешто повеќе од две децении, поранешната советска држава Естонија се претворила во нешто што со право може да се нарече – балтички економски тигар.

Фасцинантен е преминот на Естонија од ригидна комунистичка земја во отворено, па дури и совршено скандинавско општество.

Од повторното стекнување на независност во почетокот на 90-те, Естонија настојува да биде различна од останатите. Нивниот модел на економија е апсолутно отворен. Земјата е позната по примена на ИТ технологија и иновации во политичкиот и економскиот систем, но и во секојдневниот живот на просечниот Естонец. Што значи тоа?

Секој државјанин на Естонија поседува таканаречен документ за идентификација – електронска картичка, со чија помош преку специјално изградениот систем, може да се логира и преку тоа да ја пополнува даночната картичка, може да ја проверува состојбата на сметките во банка, може да отвори фирма, може да ги погледне оценките на своето дете во училиште.

Кога жителите одат на лекар, не им е потребна здравствена картичка, на преглед одат само со споменатата картичка, со која докторот ги има сите достапни податоци за болестите и слични потребни информации за пациентот. По прегледот, доколку на пациентот му е потребен лек, рецептот веќе електронски е испратен во аптека. Нема чекање, нема документација.

Извршната и законодавната власт во Естонија не смее да користи хартија, се се одвива онлајн, а секој документ е потпишан со дигитален единствен код. Владата на Естонија заседава пред таблети и лаптопи, а сите материјали се однапред веќе дигитализирани.

Претседателот на Парламентот на Естонија истакнал дека нему во секојдневната работи и му е забрането користење на хартија. Заради неупотребата на хартија, Естонија заштедила 2 проценти од буџетот, а тоа во цифри е околу 400 милиони евра.

Едноставно кажано, во Естонија се мора да биде транспарентно и отворено. Земјата е една од најмалите европски земји и најретко населена. Според „PISA“ тестирањата, Естонците се најпаметни во Европа и трет најпаметен народ во светот. Естонското основно образование е најдобро образование на светот. За нив велат дека образованието преставува религија. Имаат професионален кадар, ефективен менаџмент, поддршка на слабите ученици и посветување внимание на специфичните образвни потреби, а што е најважно, образованието се цени во нивното општество.

Долгорочната стратегија за учењето до 2020 година има пет главни цели:

- Променлив пристап кон учењето (индивидуалност, интереси на поединци, искуства и потенцијал на секој ученик)

- Компетентни и мотивирани учители и директори на училишта

- Подобра поврзаност на образованието со потребите на пазарот на труд

- Дигитална револуција

- Еднаква шанса и зголемено учество во учењето

Инаку, во Естонија фирма може да се отвори за 15 минути. За да пополните годишна даночна пријава, ви требаат две минути, само за да ги проверите основните податоци или евентуално да ги дополните.
Речиси 30 проценти од Естонците минатата година гласале на избори преку Интернет.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот