X
 25.12.2017 Живот

„Богатите се егоцентрични, сиромашните ја наоѓаат среќата во другите луѓе“


Нов чевел и стар и искинат чевел
(Фото: Pixabay)


Според истражувањето на Здружението на психолози на Америка (American Psychological Association), луѓето со пониски примања среќата ја пронаоѓаат во другите луѓе, низ чувство на љубов и на сочувство. Богатите луѓе среќата ја наоѓаат во посебични особини – каква што е гордоста.

Идејата на истражувањето што го спровеле научници од Универзитетот на Калифорнија, објавено во списанието „Емоушн“, била да се открие колку приходите на луѓето влијаат врз доживувањето среќа и позитивни емоции. Истражувањето било спроведено на примерок од 1.519 лица од САД, односно 752 мажи и 767 жени на различна возраст, пишува „Индипендент“.

Наместо да ја мери среќата, студијата ги споредувала финансиите на секој испитаник со тоа колку често чувствува позитивни емоции: забава, воодушевување, сочувство, задоволство, ентузијазам, љубов и гордост.

Истражувачите дошле до сознание дека испитаниците што спаѓале во побогатата категорија на социо-економскиот спектар покажувале поголема тенденција за доживување емоции кои се фокусирани врз нив самите – како задоволство и гордост.

Во споредба со нив, испитаниците со пониски примања почесто чувствувале позитивни емоции поврзани со другите луѓе, особено сочувство и љубов. Посиромашните луѓе во поголема мера исто така чувствувале и воодушевеност и убавина во светот што ги опкружува.

Кога станува збор за ентузијазмот, немало разлики меѓу испитаниците.

Минатите децении истражувањата главно се фокусирале на негативното влијание на сиромаштијата, додека оваа студија укажува дека среќата на луѓето со ниски приходи доаѓа од длабочината. Луѓето со високи примања се стремат да го најдат позитивното во сопствените постигнувања или во статусот, додека посиромашните среќата ја црпат од поголеми длабочини.

„Поединците со пониски примања развиле начини како да се носат, да најдат смисла, радост и среќа во своите животи и покрај релативно тешките околности. Богатството не ви ја гарантира среќата, но може да ве направи да очекувате поинакви облици на среќа. На пример, да се воодушевувате од самите себе или од своите пријатели и врски“, заклучува главниот автор на студијата, Пол Пиф, од Универзитетот на Калифорнија.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот