„Инстаграм“ официјално ја воведува опцијата што почна да ја тестира во средината на овој месец. На своите корисници сега ќе им прикажува објави на луѓе и страници кои корисниците воопшто не ги следат на оваа социјална мрежа.
Како што објаснуваат оттаму, нивниот план е на луѓето да им понудат работи за кои мислат дека би ги интересирале. Функцијата всушност потсетува на делот „Following“, дел од апликацијата во која се прикажуваат постовите што ги лајкнуваат луѓето што ги следите. Слична е и опцијата „Search and explore“, каде што можат да се прегледуваат постови од профили што корисникот не ги следи, но би можеле да му се допаднат.
„Инстаграм“ потврди дека новата функција нема да ги замени постовите што луѓето веќе ги следат, туку тие ќе им се појавуваат откако ќе ги прегледате сите постови во самиот „фид“. Корисниците така нема да мора активно да пребаруваат нова содржина за следење бидејќи „Инстаграм“ сам ќе им препорача постови за кои мисли дека би им се допаднале.
Ова не е единствена нова функција што „
Инстаграм“ ја воведе овој месец. Социјалната мрежа овозможи и следење на хаштагови во самиот „фид“. Со оваа функција можете да следите кој било хаштаг, така што во вашиот „фид“ ќе ви се појавуваат нови и популарни постови што го содржат хаштагот што го следите.