X
 21.03.2023 Образование

Шаќири: Ќе бидат прифатени барањата на матурантите за кои не се потребни законски измени

До крајот на неделава или на почетокот на идната ќе имаме конкретен одговор кој ќе биде во насока на тоа што има законска основа и што може да се прифати. Сè друго што не може да се прифати и за што се потребни законски измени, не можеме да го разгледаме во овој период, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во однос на барањата на дел од матурантите за скратување на материјалот за полагање на државната матура, за што во петокот протестираа и беа примени во неговиот кабинет.

Шаќири соопшти дека за нивните барања денеска имал средба со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) и нагласи дека МОН поддржува сè што има законска основа.

- Дел од ученичкиот сојуз е во редовна комуникација со ДИЦ во изминатата година и тие се известени за сè што треба да се реализира на државната матура. Но, по барањето на средношколците денеска имав средба со ДИЦ и ќе имаме конкретен одговор за нивните барања - рече Шаќири.

Тој денеска имал состанок и со претседатели и претставници на студентски сојузи од универзитетите за да разговара за нивните барања. Разговарале за изедначување на износите на стипендии од иста категорија со анекс на договорите.

- Позитивна вест е што од оваа година обезбедивме буџетски средства за сите студенти што добиваат стипендија во истата категорија со анекс да ги усогласиме разликите во вредностите - рече Шаќири и додаде дека се договориле да ги разгледаат сите правни можности за претходната година дали може со анексот ретроактивно да се интервенира.

Во врска со субвенционираниот студентски оброк, министерот рече дека ова право почнало системски да се решава и дека овој месец исплатата ќе биде побрза од претходните месеци.

- Ни треба законска основа за да се реализира од први до петти. Веќе има доставен предлог од група пратеници, во процедура е во Собрание, и тука влегува повисока вредност на оброкот од сегашната, но исто така и системско решение што треба да почне од новата академска година. По поминување на законот, кој очекувам да го поддржат сите пратеници во pарламентот, ќе има и системско решение и поголема вредност на студентскиот оброк - додаде Шаќири.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование