X
 27.04.2022 Живот

Штрајкот влезе во третата недела, родителите се револтирани, сметаат дека децата се жртви на политички пресметки

Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки почна на 11 април.
СОНК вторпат одбива владин предлог за зголемување на платите, но градинките од денеска почнаа со работа.

Учениците и денеска не се вратија во училишните клупи, со што штрајкот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) влезе во третата недела. Иако разговорите меѓу раководството на СОНК и Владата изминатиот викенд се очекуваше да дадат резултат, сепак, вчера членството на Синдикатот се изјасни против. Според најавите, штрајкот ќе трае с додека не се најде прифатливо решение за двете страни. Од денеска единствено ќе работат градинките.

Родителите што имаа надеж дека децата неделава конечно ќе почнат со настава се револтирани и покрај тоа што изминатиов период се солидаризираа со наставниците. Сметаат дека нивните деца веќе се заложници на политички пресметки. Тие стануваат сѐ погласни и ги кажуваат своите ставови на социјалните мрежи.

Еден родител посочи дека е време да се прогласи крај на учебната година.
- Веќе да го завршиме овој процес, почнува штрајк, се прекинува, па пак продолжува. Веќе доволно трае сето ова и е исцрпувачко - додава тој.

Друг родител смета дека три недели штрајк е премногу.
- Премногу лесно им се одзема образованието на децата. Досега речиси сите покажавме разбирање и толеранција кон штрајкот, но не може децата да изгубат цел месец од ненадоместливото - заклучува тој.

Дел од реакциите на родителите 

- Целото школство треба да се смени од корен. Реформи итно.

- Во оваа ситуација некој да „гукне“ за правата на децата?

- Децата изгледа ќе учат по 10 јуни.

- Родителите сами ќе ги учат децата. Срамота.

- Цената ја плаќаат децата и родителите. Вие па баш и ништо не плаќате. Седите и чекате да добиете. Што плативте неделава? Јадење? Дадилки? Дневници на родителите? Ама баш ништо не губите.


Голем протест идната среда

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, откако објави дека членството не го прифатило предлогот за зголемување на платите од 12 проценти, изјави дека Синдикатот во знак на незадоволство од резултатите на преговорите одлучил да организира голем масовен протест пред Владата в среда, 4 мај 2022 година.


Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на неговиот фејсбук-профил посочи дека променетата одлука на синдикалното раководство е на штета на нашите млади, учениците од основните и средните училишта.

Тој ги повика директорите на училиштата, како одговорни за организирањето на работата на овие образовни установи, од денеска да ги отворат вратите на училиштата и да продолжат да организираат настава согласно законите за основно и средно образование. Исто така, ги повика и родителите/старателите на учениците од утре да продолжат да ги пуштаат/носат своите деца на училиште. Како што додаде, тие се најмалку виновни што губат настава поради несериозноста на една организација, но можат многу да помогнат во нормализирањето на состојбите.

- Да го завршиме ова лошо поглавје од тековната учебна година и да им овозможиме иднина на децата. Многумина од нив ги чекаат уписи во средни училишта или факултети. Многумина одлучиле да се вработат по завршување на средното образование, но неизвесно е доделувањето на дипломите во предвидениот рок. Да не ги уништуваме нивните планови и очекувања. Сите имаме одговорност - заклучи министерот.

Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, а потоа на 12 отсто, но СОНК бара покачување од 18,4 проценти и усогласување на преостанатите плати со минималната плата.

Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот