X
 13.03.2023 Наша тема

Интервју со Јетон Шаќири: Платите на универзитетските професори растат бавно поради ограничениот буџет, но се работи на модел за финансирање на високото образование

Управувањето на ваков сектор, како што е образованието, не може да се сведе само на кабинетска работа. Морате да излезете на терен, да се соочите и да разговарате со сите чинители во сферата. Видов модерни, но и училишта каде што условите за настава се на долниот праг на скалата на квалитетот. Училишта чии капацитети се максимално искористени и имаат огромен број ученици и училишта кои се речиси празни, а продуцираат големи трошоци. Затоа пристапивме кон процес за оптимизирање на училишната мрежа, за да може порационално да се користат расположливите финансиски, материјални и човечки ресурси, вели министерот за образование и наука Јетон Шаќири

Реконструкција на 9 студентски дома, нов изведувач за зградата на ФИНКИ, унапредување на законската регулатива, стимулација на младите да се запишат на некој од факултетите што продуцираат дефицитарен наставен кадар, промоција на средното стручно образование и уште многу други работи најави министерот за образование и наука Јетон Шаќири во интервју за Факултети.мк. Вели дека приоритет става на покрупните реформски процеси кои веќе се започнати, да се овозможи континуитет и нивно целосно ефектуирање.

На какви проекти им давате приоритет годинава, што Ви е најважно да реализирате?


- Приоритет ставам на покрупните реформски процеси кои веќе се започнати, да овозможиме континуитет и нивно целосно ефектуирање. Ќе ја издвојам промената во основното образование. Годинава имаме опфат на нови одделенија за кои се изработуваат наставни планови, програми и учебници кои мора да бидат подготвени и достапни пред 1 септември. Во меѓувреме ќе се посветиме на подобрување на образовната инфраструктура, не само во основното туку и во средното и високото образование. Мора да обезбедиме пристојни услови за настава за сите ученици и студенти. Обезбеден е убедливо најголем буџет досега за капитални инвестиции, над 18 милиони евра. Планираме изградба на 3-4 училишта, да почне реконструкција на 118 училишни објекти, да се изградат 10-ина спортски сали, нов универзитетски кампус за „Мајка Тереза“, да продолжи изградбата на ФИНКИ и ФФК...
Ни претстои и унапредување на законската регулатива, односно измени и усвојување на низа нови законски решенија за средното образование, за стручно образование и обука, за образование на возрасните, нов Закон за учебници и Закон за високо образование заради обезбедување повеќе права и можности на нашите граѓани во сферата на образованието. Морам да потенцирам дека ќе се залагаме за поголема промоција на средното стручно образование, како една важна активност во овој период кога се креира уписната политика, за да привлечеме што повеќе млади да го одберат овој тип на образование кој не продуцира доволно кадар за потребите на нашето општество.

Студентските домови се постојано актуелна тема. Студентите се жалат на мизерен живот во супстандардни услови во „Стив Наумов“. Со каква динамика е предвидено нивно реновирање, осовременување?

- Обезбедивме 25 милиони евра со кои етапно во следните 4-5 години ќе ги реконструираме сите 9 државни студентски дома. Тие ќе станат еколошки и целосно енергетски ефикасни, а започнуваме во втората половина на годинава и тоа токму со „Стив Наумов“. Потоа ќе следуваат и другите. Процесите се обемни, но имаме план и ќе истраеме во неговото целосно исполнување.

И во второто полугодие дел од учениците се без учебници... На што се должи бавната испорака на учебниците? Кои учебници сѐ уште треба да се доработуваат? Според Вашите проекции, кога сите ученици ќе добијат учебници?


- Сите учебници што се одобрени за користење во основното образование се набавени, односно испечатени и испорачани до училиштата. Реакциите беа за учебниците во прво, второ, четврто и петто одделение кои се нови и точно е дека се доцнеше со нивното печатење и испорака, затоа што и процесот на изработка и одобрување е комплексен. Но, тоа е надминато.
Наскоро ќе започнеме и постапки за избор на учебници по странски јазици во основното образование и по нивно завршување, и тие ќе се испечатат и ќе се испорачаат. Воедно, ќе следува и печатење на 50-ина учебници за средно стручно образование кои се одобрени од Националната комисија за учебници и првпат ќе се користат оваа година.



За грешките во учебниците, како што изјавивте, ќе има казни, за авторите, рецензентите и Бирото за развој на образованието... Отворена е и е-адреса за пријавување грешки во учебниците. Какви пријави имате добиено и на што ги препишувате грешките во учебниците? Какви измени се потребни во Законот за учебници?


- Во моментов се подготвува нов закон кој треба да го подобри процесот на обезбедување учебници и да го подигне квалитетот на содржината во нив преку поставување повеќе филтри за контрола. Доволно се протнуваа грешки и нелогичности кои стимулираат гнев кај јавноста и ги дефокусираат и учениците и наставниците од целите на образовниот процес. Ова го најавивме пред извесно време и секој заинтересиран може да се обрати до Министерството со свои сугестии и забелешки на постојното законско решение, кое ќе биде земено како основа за изработка на новото. Уверувам дека за секој конструктивен предлог ќе се дискутира и тоа што е издржано, ќе се интегрира во правната регулатива. Изминатиот период добивме забелешки на некои учебници и јавноста дел од нив веќе ги знае. Зборувам за учебникот по историја и општество за седмо одделение, учебникот по историја и општество за петто одделение. Нотирани се технички пропусти, но и содржини кои не соодветствуваат со научната реалност. Има и други учебници за кои добивме реакции и по сублимирање на сето тоа што е пристигнато, ќе споделиме повеќе информации.

Во минатогодишното интервју најавивте дека сакате да ги посетите сите основни и средни училишта и високообразовните установи, да ги чуете проблемите во образовниот систем, секако, и успесите на сите... Дали успеавте во намерата и каква слика затекнавте на самото место? Со какви предизвици и проблеми се соочува образовниот сектор?


- Управувањето на ваков сектор како што е образованието не може да се сведе само на кабинетска работа. Морате да излезете на терен, да се соочите и да разговарате со сите чинители во сферата и затоа најавив зачестени посети по училиштата, редовна комуникација со училишните менаџменти и со самите општини, затоа што така и низ редовна комуникација најдобро се детектираат предизвиците на воспитно-образовниот процес. Видов модерни, но и училишта каде што условите за настава се на долниот праг на скалата на квалитетот. Училишта чии капацитети се максимално искористени и имаат огромен број ученици и училишта кои се речиси празни, а продуцираат големи трошоци. Затоа пристапивме кон процес за оптимизирање на училишната мрежа, за да може порационално да се користат расположливите финансиски, материјални и човечки ресурси. Заедно со УНИЦЕФ и Светска банка направивме студија, ја презентиравме и сега веќе разговараме со општините околу имплементацијата. Мислам дека сите ќе се согласат и ќе помогнат да го спроведеме ова, затоа што е од интерес на учениците и за обезбедување добар образовен процес насекаде во државата.

Кога станува збор за Законот за високо образование, МОН информира дека експертска група ги анализира веќе доставените предлози за измени на Законот. Може ли да ни најавите дел од можните измени, каде се потребни корекции и какви предлози добивте?

- Работна група ги разгледува и ги сублимира сите пристигнати сугестии од изминатиот неколкумесечен период, по што ќе биде доставен извештај по кој понатаму ќе постапуваме. Сугестиите најчесто се на оние што работат во високото образование, професорите на факултетите, и јас лично се заложив да го започнеме овој процес на менување на законското решение и да им излеземе во пресрет на нивните барања. Кога се применува инклузивен пристап во кој учествуваат сите засегнати и можат да дадат свое мислење, тогаш исходот се очекува да биде добар.

Почната е изградба на универзитетската зграда на „Мајка Тереза“, а со години тапка в место изградбата на зградата на ФИНКИ и ФФК... Каде е закочена процедурата со доизградбата на двата факултети? Дали имате проекции за нови инфраструктурни проекти?


- Како што веќе посочив, ФИНКИ и ФФК ќе продолжат да се градат оваа година. Обезбедени се средства за тоа. Се работи за големи, капитални инвестиции кои не можат да се завршат во една година, но важно е да ги откочиме работите. Проблемот е настанат со заминувањето во стечај на фирмата која била одбрана да ги изгради објектите, а во моментов работиме на ревидирање на проектите за да се отстранат одредени позиции кои се дел од естетиката, но не влијаат врз функционалноста, по што ќе одбереме нов изведувач. Сепак, минуваме низ период на глобална економска криза и неопходно е сите трошоци што не мора да се направат, да не се направат.



По две години онлајн настава, оваа учебна година главоболки создадоа дојавите за бомби. Кои се насоките на МОН и како ги советувате училиштата да ги надополнат часовите?

- МВР има нов протокол за постапување во случај на заканувачки дојави до училиштата, а воедно и МОН даде дополнително насоки до раководствата на училиштата за да ја одржиме безбедноста на соодветно ниво и да се овозможи континуитет на наставата со физичко присуство. Во изминатите неколку дена новиот план даде добри резултати, очигледно е дека е ефикасен. Децата се на училиште и се надевам дека така ќе остане до крајот на учебната година затоа што секој застој на воспитно-образовниот процес е потенцијална штета врз знаењето на учениците.

Ректорите на некои универзитети како еден од поголемите проблеми во високото образование го посочуваат пензионирањето на професорите, а немањето подмладок, што има последици и врз наставата. Дали се планирани измени во однос на вработувањата на асистенти и демонстратори?

Министерството излегува во пресрет на реалните потреби на високообразовните установи. Јас ги разбирам тие потреби бидејќи и самиот доаѓам од академската заедница и знам колку е важно да се има кадар и за настава и за каква било дополнителна поддршка. Доколку една алка фали, тогаш имаме големи проблеми. Затоа, секое издржано барање го проследуваме до Министерството за финансии, од каде што доаѓаат согласностите за ангажирање наставен и административно-технички кадар. Посочив дека иницираме измени на законското решение во високото образование. И тоа е добра можност да направиме корекција на состојбите, да дефинираме јасни насоки кога, како и каков тип кадар може да се ангажира на високообразовните установи.

Голем недостиг веќе се чувствува и во средните и во основните училишта, каде што недостигаат наставници, на пример, по математика. На наставна физика годинава се запиша само еден студент, а како главната причина за тоа се наведуваат платите и нарушениот углед на наставниците. Како МОН планира да ги мотивира младите да студираат на наставни насоки и да работат во училиштата освен со стипендии? Имаме ли стратегија за решавање на овој проблем?

- Ова е проблем кој се провлекува со години. Имаме стратегија да го решиме, но таа не може да даде резултати одма. Дејствуваме од повеќе аспекти. Прво, ги стимулираме младите да се запишат на некој од факултетите што продуцираат дефицитарен наставен кадар, како на пример по математика, хемија и физика, со доделување високи месечни стипендии кои изнесуваат по 300 евра. Второ, се трудиме тие факултети да ги поддржиме во заложбите за модернизација на условите за настава, за истражувања и слично. Трето, обезбедивме континуиран раст на платите на вработените во образованието, односно на наставниците во основните и во средните училишта. Горд сум што сум потписник на договор со СОНК со кој од септември 2022 година ги зголемивме платите во основното и во средното образование за 15%. На почетокот на оваа година ги зголемивме за дополнителни 3%. Претходно, во времето на некои мои колеги исто така имаше покачување на платите. Обезбедуваме можности за континуиран кариерен и професионален развој и сметам дека ова се добри стимулации за младите да одберат да бидат наставници и креатори на нови генерации, односно на иднината на оваа земја.



Воедно, горлив проблем се платите и во високото образование. Постои нееднаквост меѓу платите на различни државни универзитети, а професорите сметаат дека системот на делење плати на универзитетските професори мора да се промени. Дали таа тема е ставена на маса?


Платите во високото образование растат, но не со интензитет каков што се бара од репрезентативните синдикати на академската фела. Тие се во право. Заслужуваат повеќе и подобро. Но, можностите на државата се нешто сосема друго и ограничениот буџет со кој располагаме наложува помал процентуален раст на приходите на професорите, споредено со нивните очекувања. Верувам дека работите ќе се променат затоа што Владата сѐ повеќе посветува внимание и двои средства за образованието, кое повеќе нема третман на потрошувач, туку на механизам од кој зависи севкупниот општествено-економски напредок. Во постојана комуникација сум со Интеруниверзитетската конференција каде што членуваат претставници од државните и приватните високообразовни установи во државата и верувам дека во следниот период заедно ќе дефинираме најприфатлив и најефикасен модел на финансирање на високото образование кој на најдобар начин ќе ги регулира растот и исплатата на платите.

Имаме ли стратегија да ги задржиме најдобрите ученици и студенти во Македонија? Зошто оние со највисок просек најчесто заминуваат на додипломски и постдипломски студии во странство и најчесто не се враќаат? Можеме ли да го сопреме одливот на мозоци?


- Сето тоа што го правиме, постојаното воведување нови можности за учење и личен развој, нови стипендии и разни финансиски стимулации, модернизација на наставата и отворање нови работни места со пристојни плати, го правиме за да ги задржиме младите во државата. Без нив, нема иднина. Но, не можеме да го ограничиме нивното движење. Секој што има желба за учење и работа во странство, може да си го оствари тоа, односно да проба да го оствари. Дури и стимулираме студирање на најдобрите светски универзитети според Шангајската ранг-листа, но условот е враќање во државата и вложување на стекнатото знаење тука. Проблемот со иселувањето не е само проблем во нашата земја, туку и на регионот, па и во глобални размери многу земји ја искусиле горчината од одливот на мозоци. Но, не смееме да се откажуваме, ќе продолжиме да се заложуваме за младите да се чувствуваат задоволни од третманот во својата држава, да ја сакаат и да сакаат да ѝ возвратат за тоа што го добиле во форма на образовна или каква било друга поддршка.

Фото: МОН
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема