X
 17.02.2015 Образование

Најефективните начини за фаќање на белешки за време на предавање

Фаќањето белешки е вештина која студентите ќе ја понесат со себе и во текот на нивните кариери. Без разлика дали се наоѓаат на состаноци, учествуваат во таканаречените „бреинсторминг“ сесии или пак слушаат додека некој чита, фаќањето белешки се ефективен начин на учење, задржување и потсетување на идеи и концепти.

Ви ги нудиме најдобрите техники како можете да фатите белешки за време на предавањата и како можете да имате корист од нив.

Најчестите грешки

Пред да се запознаете со техниките, добро би било да дознате кои се најчестите грешки.

1. Се обидувате да го запишите секој збор што го кажува професорот, без воопшто да слушате
- Фаќањето белешки треба да биде 75% слушање и 25% пишување. Кога слушате, треба постојано да работите на нови концепти во вашата глава со цел да ги зацврстите. Ова е најдобро време кога треба да поставите прашања за идеи кои не ги разбирате целосно. Кога пишувате, белешките треба да бидат кратки и концизни. Секоја реченица не треба да биде поголема од 5 зборови. Со ова ќе ги запишувате најважните информации.

2. Додека фаќате белешки, не размислувате за темата за која зборува професорот -
Важно е да фаќате белешки за да запомните идеи, но уште поважно е да го разберете новиот комплекс на идеи кои се воведени со брзо темпо. Белешките се бескорисни доколку не го разбирате концептот.

3. Не прашувате прашања додека професорот предава, кога идеите ви се свежи
- Ова е толку многу повторувано, што веќе станува клише. Доколку имате прашања, потребно е да ги поставите. Со тоа ќе покажете дека сте заинтересирани за учење. Не треба да чекате да одите на консултации за да прашате нешто што не ви е јасно.

Најдобрите методи за фаќање белешки

Динамична содржина

Со новиот метод на динамична содржина, односно преку најновиот и современ метод, се воведени три нови алатки: симобли како што се стрелки, кругови, кутии, боја и веб страни.

Овие нови алатки ќе ви овозможат да останете организирани. Користењето на симболи и бои ја прави содржината полесна за читање и поинтересна.

Поделба на страната

Овој метод е посебно одличен за студенти кои сакаат организиран формат. Методот на поделба на страната го поправа прегледот и содржината ја прави полесна за очите, одвојувајќи ги главните теми од подтекстот.

Од десната страна треба да ги пишувате белешките користејќи го претходниот метод, методот на динамична содржина, додека левата страна треба да биде обезбедена за секаков вид на опис или дефиниција.

Мапа на умот

Овие мапи одлично функционираат за сите перфекционисти и сите оние кои мразат кога професорот се префрла од една на друга тема, такашто ве принудуваат да се враќате и да ги стегате белешките или да пишувате со помали букви. Сето тоа резултира во неуредни белешки од кои подоцна нема да имате никаква корист.

Доколку не сакате да се случи тоа, користете ја оваа техника. Иако резултатот во крајна линија е понеуреден од првите две техники, сепак ви овозможува да фаќате белешки на одделни теми и поттеми. Кога ќе биде потребно, ќе можете да се враќате и да одите напред како што наставникот прескокнува или се враќа на одредена тема. Најсилниот аспект на овој метод е тоа што ви дава можност визуелно да ги поврзете идеите или со круг, или со линија.

Кога го користите овој метод, најдобро би било да започнете со тоа што главната тема ќе ви биде во средината. Како што професорот ќе започне да зборува, така вие правите подтеми.

Останати совети 

Откако ќе ја изберете техниката која најмногу ви одговара потребно е:


1. Да обрнете внимание на се` она што професорот го зборува и го прави како на пример пишување на таблата или повторување на информацијата. Кога ја повторува информацијата обично значи дека е важна и дека ќе ја има на колоквиум.
2. Доколку е возможно, прочитајте нешто поврзано со темата пред часот. На овој начин ќе бидете подготвени.
3. Додека фаќате белешки, пишувајте со ваши зборови. Преку ова ќе го зајакнете разбирањето на темата и ќе ја зајакните меморијата.
4. Пишувајте кратенки такашто фаќањето белешки ќе биде побрзо.

Подготвил: Тамара Мисирлиевски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование