X
 12.01.2016 Образование

Разликите помеѓу традиционалниот и Монтесори пристапот на предавање

Основното прашање на Монтесори педагогијата е - „Дали на детето му е потребна помош од другите или не?“, додека мотото на Монтесори педагогијата е - „Помогни ми да направам сам“.

Која е разликата помеѓу традиционалната програма за учење и помеѓу Монтесори методот?

Во традиционалната градинка доминира улогата на плановите и програмата, групата на деца е хомогена. Кога станува збор за наставата и режимот на денот постои одредена крутост која не дозволува отстапки од она што претходно воспитувачите и наставниците го зацртале. Честа е механичката расцепканост на научните дисциплини на предметите, и повеќе е насочено кон мотивацијата на воспитувачите, а самото учење е контролирано од воспитувачите. Иако некогаш е продуктивна работата со цела група, сепак, потребно е некогаш ученикот да направи нешто индивидуално, меѓутоа во традиционалниот метод ова ретко се применува. Воспитувачот е оној кој е во центарот на вниманието и тој доминира, а активностите се одвиваат според распоред. Во текот на активностите самиот воспитувач дисциплинира, помага, го одредува темпото, предава и дозволува прекинување на работата. Децата играат „улоги“ и се фокусираат на апстрактното, а најголемиот извор на знаење е самиот воспитувач.

За разлика од традиционалниот пристап, во Монтесори програмата детето е во центарот на вниманието и е дел од хетерогена група на деца. Воспитувачите го почитуваат темпото на децата, им овозможуваат праткична работа и со тоа децата стекнуваат непосредно искуство. Механичката расцепканост на предмети е заменета со таканареченото космичко образование кадешто на детето светот му е претставен во една целина. Воспитувачите го поттикнуваат личниот развој на детето преку индивидуална работа, искуствено учење и преку материјали со кои децата создаваат нешто. Воспитувачот има улога на набљудувач, а неговата единствена задача е да го насочува детето во правилна насока, додека детето само формира свој циклус на активности, слободно се движи и работи; со тоа детето стекнува самодисциплина и учи да му помага на своите соученици. Монтесори пристапот не дозволува прекинување на работата, овозможува индивидуално темпо на работа на секој ученик со што ученикот има слобода за самостојно откривање, фокусирање на конкретното и соочување со ситуации од реалниот живот додека изворот на знаење не е воспитувачот туку самата средина и материјалите. 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование