X
 17.02.2022 Образование

Од утре скрининг во основните училишта, најави Комисијата за заразни болести

Од утре во основните училишта почнува превентивно тестирање на учениците за тоа дали се инфицирани со САРС-КоВ-2. Комисијата за заразни болести на денешниот состанок донела одлука да се направи скрининг во основните училишта откако во последниот извештај на Институтот за јавно здравје бројот на заразени деца во основните училишта беше зголемен.

Д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, рече дека според овој извештај нема зголемен број заболени во средните училишта туку само во основните и дека тоа било доволно за да се вклучи алармот и да направат превентивен скрининг.

-Овој зголемен број на заболени ученици во основните училишта не е алармантен, туку доволен да го вклучи алармот и уште на самиот почеток да направиме скрининг и да се интервенира пред да се прошири повеќе. Обезбедени се тимови кои од утре ќе го спроведат скринингот, а потоа ќе се дадат на анализа во Институтот за јавно здравје и на епидемиолошките служби за да добиеме реална слика зошто и како се шири вирусот - рече д-р Мехмедовиќ.

Претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Александар Петличковски, рече дека скринингот ќе се спроведе во училиштата, а не како што првично најавија во Центрите за јавно здравје, и дека ќе бидат тестирани оние ученици за кои родителите добиле и дале изјава дека се согласуваат нивното дете да биде тестирано со брз тест.

-Одлучивме скринингот да се направи во училиштата, нема потреба да ги носат во центрите како што првично најавивме - рече Петличковски.

Д-р Мехмедовиќ рече дека утре ќе соопштат во кои училишта ќе почнат со превентивно тестирање.



Препораките за лекување ковид-19 објавени на веб-страницата на Министерство за здравство

Проф. Петличковски рече дека денес на веб-страницата на Министерството за здравство се објавени препораките за лекување на ковид-19 и дека тие се достапни за сите лекари за да има поусогласен начин на лекување на болеста. Тој објасни дека ова не се нови препораки, туку препораки по кои веќе се работи, а согласно новите научни сознанија претрпеле измени и дека ова сега е четврта или петта верзија.

-Овие препораки се тоа што лекарите го нарекуваат протоколи, кои немаат обврзувачки карактер, туку се водич за лекарите. За да бидат протоколи треба да бидат донесени од законодавниот дом, значи немаат законска сила. Но ставени се на веб-страницата за да бидат доспани за лекарите и да не се случи некој здравствен работник да нуди лекови за ковид за кои не е докажано дека лекуваат, тука пред се мислам на лекот „ивермектин“. Овие препораки се правени според студиите и препораките од здруженијата на инфектолози во САД и Велика Британија, како и според препораките од Светската асоцијација на инфектолози - рече Петличковски.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование