X
 10.11.2022 Живот

Дујовски: Целта на дојавите за бомби во училиштата е да се создаде страв и паника меѓу населението

Деканот на Факултетот за безбедност, проф. д-р Никола Дујовски, денеска изјави дека целта на лажните дојави за бомби во средните училишта е да се создаде страв и паника меѓу населението и оти не случајно се избираат училиштата. Ова, според него, е „како по книга“ како се прави хибридна закана.

- Овој тренд почна пред неколку месеци прво во Србија, Белград, Нови Сад, потоа и во Сараево. Еве сега и кај нас. Тоа се дел од закани кои засега остануваат само во фаза на погрешно испратени пораки, меѓутоа, полицијата има обврски и добро е што се постапува на тој начин. Децата и наставниците и сите присутни во училиштата мора веднаш да бидат евакуирани и однесени на безбедно, а полицијата треба да ја провери секоја дојава за поставена бомба или каква било закана. Тоа се прави и ќе се прави во наредниот период. Министерството за внатрешни работи ги гради капацитетите да може да одговори на ваквите закани, да ги пресретне ваквите пораки, да ги анализира и да ги спречи - изјави професорот Дујовски за утринската програма на Македонската телевизија.

Намерите на луѓето што ги праќаат овие пораки - да предизвикуваат страв и паника кај населението, се повеќе од евидентни.

- Веројатно не е можно да се случи некаква поголема штета освен напишаната порака, но ние мора да бидеме претпазливи затоа што едноставно светот, а особено овој регион, е многу чувствителен на таквите хибридни закани и на сѐ друго што може да предизвика вознемиреност. Не случајно се избираат училиштата, средните училишта главно. Затоа што таму децата патуваат самостојно, родителите вообичаено не знаат каков е процесот додека децата се таму и ова е токму како по книга како се прави хибридна закана - вели Дујовски.

Според него, добро е што разменуваме информации во мрежата на НАТО бидејќи овие прашања не се само за Македонија, ниту пак сме ние единствена земја изложена на вакви притисоци и добро е да ги градиме нашите капацитети и натаму.

-Се надевам дека овој тренд ќе се смири и се надевам дека институциите ќе се посветат на ниво на задачата, впрочем како и досега - рече деканот на Факултетот за безбедност.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера најави дека најголем дел од заканите за поставени бомби во средните училишта се лоцирани од каде доаѓаат и оти Министерството работи на заштита.

Вчера во Скопје во девет средни училишта имаше лажни дојави за поставени бомби.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот