X
 27.06.2025 Здравје

Кошмарите ја зголемуваат опасноста од предвремена смрт, покажува ново истражување

Луѓето што често се будат исплашени од кошмари не само што страдаат од лош сон, туку можеби и побрзо стареат и порано умираат. Ново истражување предупредува дека зачестените кошмари се поврзани со забрзано биолошко стареење и тројно зголемен ризик од предвремена смрт.

Истражувањето, спроведено од д-р Абидеми Отаику од Институтот за истражување на деменција во Обединетото Кралство и Кралскиот колеџ во Лондон, го истакнува алармантниот потенцијал на овој феномен како јавно-здравствен проблем.

Истражувачите анализирале податоци од 2.429 деца на возраст од 8 до 10 години и над 183.000 возрасни лица од 26 до 86 години во период од 19 години. Резултатите покажале дека возрасни лица што имаат кошмари барем еднаш неделно имаат над трипати поголема веројатност да починат пред 70-тата година, во споредба со оние што ретко или никогаш не ги доживуваат.

Според истражувачите, кошмарите се посилен предвидувач на предвремена смрт од пушење, дебелина, лоша исхрана и физичка неактивност. Тие влијаат врз квалитетот и времетраењето на спиењето, а со тоа ја нарушуваат способноста на телото за клеточна регенерација.

- Додека спие, нашиот мозок не прави разлика меѓу соништата и реалноста. Затоа често се будиме испотени, со забрзано дишење и чукање на срцето. Всушност, тоа е активираниот стресен одговор. И токму овој тип стрес може да биде посилен дури и од стресот во будната состојба - објаснува д-р Отаику.

Кошмарите предизвикуваат зголемено лачење на кортизол - хормон на стресот кој директно е поврзан со забрзано стареење на клетките. 

Кај луѓето што редовно ги доживуваат, ваквото хронично хормонално оптоварување може значително да го забрза биолошкото стареење.

Истражувањето покажало дека и кај децата и кај возрасните честите кошмари се поврзани со побрзо стареење. Приближно 40 отсто од оние со повисок ризик од предвремена смрт спаѓаат во групата со чести кошмари.

Дури и кај лицата што имаат кошмари само еднаш месечно, забележано е побрзо стареење во споредба со оние што не ги доживуваат воопшто. Поврзаноста важи без разлика на возраста, полот, етничката припадност или менталната состојба.

- Добрата страна е што кошмарите може да се спречат и контролираат - истакнува д-р Отаику и препорачува едноставни, но ефикасни мерки како одржување добра хигиена пред спиење, управување со стресот, терапија за анксиозност или депресија и избегнување вознемирувачки содржини пред спиење.

Извор: Independent.co.uk
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје