X
 17.03.2021 Здравје

Набавката на вакцините - голема неизвесност

Свесен сум дека набавката не оди со посакуваната динамика, но обезбедувањето вакцини во буквална смисла на зборот е војна, побарувачката неколкукратно ја надминува понудата и неизвесноста е голема, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче на новинарско прашање до каде е набавката на вакцини.

Филипче рече дека продолжуваат преговорите со сите производители за набавка на вакцини, и за руските и за кинеските, и додаде дека за кратко време треба да профункционира КОВАКС-механизмот преку кој Македонија ќе добие 100.000 вакцини.

- За набавките, тоа што најмногу се очекува, со оглед на промените и информациите од добавувачите, овој процес може временски да се одолжи, но до крајот на овој месец и почетокот на следниот очекуваме да профункционира КОВАКС-системот, очекуваме околу 100.000 вакцини. Нашите информации од вчера се дека „Фајзер“ го подигнува нивото на внимателност со сите земји со кои преговара и ќе бара од сите земји посериозни критериуми за безбедност. Денес ќе го добиеме тој документ. И тоа е една од причините зошто толку се чека на деталите од овој договор - рече министерот.

Филипче нагласи дека вакцинирањето во Македонија ќе биде со безбедни вакцини.

Тој рече дека не е точно дека пациенти не се примаат во болниците.

-Апсолутно не е точно дека пациенти не се примаат, тоа не е вистина. Можно е да има чекање, можно е да се префрлаат или да се пренасочат од едно место на друго, но не е точно дека некој пациент не е примен - порача Филипче.

На денешната прес-конференција зборуваше и претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџоски. На прашањето дали прележувањето на коронавирусот е гаранција дека реинфекција не може да се случи, тој изјави:

- Никому не можеме да му кажеме дека инфекцијата што е прележана пред извесен период не може да донесе реинфекција со нов сој. Апсолутно станува збор за потенцијална можност да влезе во државата, дали ќе го наречеме јужноафрикански, бразилски или друг сој на вирус... Заболувањето може да настане од некој друг сој или од истиот, но при помал имунолошки одговор кај организмот. На секои 112.000 позитивни, ако земете 116 реинфекции, тоа е 0,01 отсто, што е релативно многу мал број од вкупниот број позитивни случаи - изјави Караџовски.

Докторот додаде и дека верува дека голем број од реинфекциите се случуваат како последица на непочитувањето на мерките или контакт со лица кои веќе еднаш биле заразени со моментално заразени лица од коронавирусот, но можеби и со некој друг сој на вирусот, на пример, британскиот.

Фото: Архива

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје