Во моментов во светот има повеќе достапни вакцини против ковид-19, а додека тече вакцинирањето со една или две дози, многумина се прашуваат дали има потреба од трета доза која би понудила поголема заштита од болеста. Истовремено, многумина сакаат да знаат дали потенцијалната трета доза може да биде од различен произведувач. Некои земји веќе ги комбинираат вакцините против ковид-19 од различни произведувачи. Што велат лекарите и научниците за ова?
Пред сè, различните вакцини имаат ист ефект, но некои функционираат на различен начин. Некои, како „Фајзер“, се вакцини што ги учат нашите клетки да произведуваат специфичен протеин и да изградат имунитет против вирусот, додека други користат безопасен вирус за да активираат имунолошка реакција и да му кажат на телото против што треба да се бори.
Дали има лица што треба да добијат трета доза?
Според американскиот Центар за контрола и спречување на болести, препорачливо е лицата на кои им е компромитиран имунолошкиот систем да примат трета доза по четири недели од втората доза. Тука спаѓаат лицата на кои им биле трансплантирани органи, кои поминуваат низ третман за тумори и рак, лица заразени со ХИВ и други лица што примаат лекови кои им влијаат врз имунолошкиот систем.
Фото: Pixabay
Во овој случај, лекарите препорачуваат примање доза од истата вакцина како и првите две дози. Администрацијата за храна и лекови на САД препорачува трета доза и за лица постари од 65 години или кои се изложени на поголем ризик од заразување.
Дали е безбедно да се мешаат вакцините?
Лекарите допрва треба да заклучат дали мешањето на вакцините е безбедно и дали потенцијалните поволности се поголеми од потенцијалните ризици. Докторката Маргарет Деј изјави за „Си-нет“ дека има теоретски предности во примањето различни вакцини бидејќи на тој начин ќе бидат заштитени различни делови од имунолошкиот систем, но во тек се медицински истражувања за безбедноста и ефикасноста на оваа опција.
Фото: Pixabay
Во некои земји, како Германија, Канада, Шведска, Франција, Шпанија и Италија, веќе се мешаат вакцини од различни производители. Истражување во Шпанија покажало дека лицата што примиле една доза на вакцината на „Астра зенека“ и втора од „Фајзер“ имаат повеќе антитела од лицата што примиле две дози од вакцината на „Астра зенека“.
Во САД треба да се спроведе слично истражување. Претходно вакцината за ебола на „Џонсон и Џонсон“ била примана во две дози направени со различни технологии.
Извор:
Cnet