X
 17.03.2021 Живот

Со „џебни паркови“ Атина ќе се бори против загадувањето и жештината

Главниот град на Грција, Атина, почна да гради „џебни паркови“ на празни локации низ градот за да се бори против загадувањето на воздухот. Малите паркови ќе ја намалат температурата на воздухот и ќе го подобрат квалитетот на живот во градот, изјавил градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.

Населението во градот драстично се зголемило по Втората светска војна поради миграција од руралните региони. Ова предизвикало експлозија на градење во градот, а многу сопственици на куќи ги замениле домовите за станови во нови згради. Поради помногубројното население, има и повеќе автомобили, но и поголемо загадување на воздухот. Освен тоа, во овој град температурата достигнува 40 Целзиусови степени во лето.

Христос Зерефос од Академскиот истражувачки центар за атмосферска физика и климатологија објаснил дека многу дрвја биле исечени за време на градежната експанзија, а истовремено се создал и сообраќаен метеж.


Низ децениите Атина се обидела да го намали загадувањето на воздухот предизвикано од автомобилите на повеќе начини, но се чини дека тие биле неуспешни. Затоа сега градот ќе воведе велосипедски патеки на улиците и ќе изгради повеќе тротоари и мали паркови. Сето ова се прави со цел да се намали користењето на автомобили, кои создаваат околу 70% од загадувањето во градот.

Истовремено се поправаат и фонтаните низ градот кои треба да помогнат во намалувањето на температурите и во подобрувањето на квалитетот на воздухот.

Градоначалникот изјавил дека го искористил резултатот од мерките за забрането движење во март, кога се намалило загадувањето, за да почне со реализација на проектот.

- Помина времето на автомобили. Сега предизвикот е да се најде нов баланс - изјавил тој.

Автор: Дебора Киврикосајос
Извор: weforum.org
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот