X
 21.11.2019 Наука

И човековата врева е глобален загадувач

Добро е познато дека џагорот може да има негативно влијание врз некои животни, но нова студија посочува дека вревата што ја создаваме треба да се смета за голем глобален загадувач.

- Утврдивме дека вревата погаѓа многу видови водоземци, членконоги, птици, риби, цицачи, мекотели и рептили - истакнуваат научниците од Квинс Универзитетот во Белфаст, Ирска.

Човековата врева се шири насекаде во околината - од возилата и индустријата во густите урбани центри до авионите што ни летаат над главите, па и пловилата во водите чии пропелери се смета дека ѝ пречат на сонарната комуникација на китовите.

По прегледување серија индивидуални студии Хансјоерг Канк и Рувен Шмидт истакнуваат дека проблемот треба да се смета како одговор на вревата од страна на мнозинството видови, а не дека некои видови се особено чувствителни на вревата.

- Интересно е што вклучените видови варираат од мали инсекти до големи морски цицачи како китовите. Не очекувавме да најдеме одговор на вревата кај сите видови животни - вели Канк.

Во трудот се наведува дека одговорот на животните на вревата создадена од активноста на луѓето не е едноставен и не може лесно да се каже дали е позитивен или негативен.

Вревата создадена од страна на луѓето, на пример, се покажа дека им пречи на сонарните системи за детекција што лилјаците ги користат за да ловат инсекти, со што е уште потешко за летачките цицачи да фаќаат инсекти. Но, тоа може да се добри вести за бубачките.

- Потенцијалниот плен може да има директен бенефит од антропогената врева - стои во трудот.

Сепак, Канк предупредува дека големата слика е големо нарушување на животната средина.

- Во примерот со лилјакот, предаторите може да страдаат затоа што не можат да си го лоцираат пленот, но кај видовите каде што потенцијалниот плен се потпира на звукот за да ги детектира предаторите, тие може да страдаат зашто не се способни да ги слушнат навреме за да може да избегаат - вели тој.

Звучното загадување од човекот и одговорот на животните мора да се гледаат во контекст на екосистем, особено кога се земаат предвид конзерваторските напори, забележуваат авторите.

- Вревата мора да се смета за сериозна форма на еколошка промена и загадување бидејќи им влијае и на водените и на копнените видови - велат тие.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука