Едни ќе речат дека падобранството е само метод да се спасиш ако паѓаш од високо. Други, пак, дека е екстремно, страшно и непотребно. И тоа е нивната вистина. За падобранците од аероклубот „Скопје“, кој годинава слави 100 години, падобранството е начин на живот.
Аероклубот овој месец ја почна обуката за нови падобранци од кои се бара да се научат и да бидат физички солидно подготвени. При обуката има правило дека кандидатот учи додека не научи, а ќе скокне кога ќе убеди двајца инструктори дека е спремен за скок.
Јане Стефанов е инструктор за скокови со падобран и портпарол на Аероклубот „Скопје“. Вели дека падобранството е најдобрата спортска активност со која се занимавал во својот живот.
- Сум летал со разни летала, но никаде не најдов совршен момент како во слободниот пад. Сите други активности во животот ги моделираме да му припаднат на нашиот свет, негде горе на небото. Падобранството е воздухопловен спорт кој е дефиниран со свои правила, регулиран со Закон за воздухопловство, правилници за обука и лиценцирање, системи на натпревари во различни дисциплини. Затоа и не ја разбирам идејата дека падобранството е екстремно. Статистички повисок коефициент на ризик има фудбалот отколку падобранството. Да поткрепиме со бројки - стапката на повреди во падобранството е 0,003% на 1.000 изложени спортисти. За споредба, во фудбалот има 0,34%, во хокејот има 0,27% и во кошарката 0,2% - вели Стефанов.
Јане Стефков (лево)
За да се стане падобранец, првиот критериум е желбата на поединецот, потоа доаѓа неговата возраст – треба да има најмалку 16 години, да има уверение од лекарски преглед во воздухопловна медицина и почетничка обука за падобранци. Ова се условите за првиот скок, иако се учи цело време, со што се зголемува безбедноста во скокањето.
- Почетниците падобранци на првиот час се договараат со која динамика ќе ги посетуваат часовите. Од нивното слободно време зависи колку долго ќе трае обуката. Поискусните падобранци продолжуваат со обуката со ментор искусен падобранец. Скоковите се прават од 1.200 метри и на секој скок треба да се изработи задача преку која ги учат основите на падобранството. За да може да почне почетникот падобранец да скока, потребно е да има лекарско уверение од воздухопловна медицина минимално класа 4. Иако лекарското звучи страшно и комплицирано, тоа се нормални прегледи и секој просечно здрав и физички активен човек може да ги помине. Обично стравот од височините се совладува со стекнување доверба преку учење за падобраните и авионите и нормално доверба во процесот на обука – објаснува Стефанов.
Еден од основните предизвици на инструкторот е да направи процена за спремноста на ученикот за скок, а во досегашната кариера на Стефанов како инструктор за падобранство не се случило падобранец-почетник да се откаже од скокот на отворена врата од авион.
- Мојот прв скок беше пред 31 година. Го доживеав како пресвртница во мојот живот. Што се однесува до стравот, да немаш страв не е нормално. Сепак, треба да знаеме како стравот нѐ дефинира како личности. Има луѓе што стравот ги тера да бидат подобри, да учат повеќе, да вежбаат повеќе. Тоа е позитивен страв. И тоа е добро. Лошо е кога стравот ги кочи и таквиот страв прави да не може ученикот да ги направи потребните безбедносни процедури. Еден сегмент од работата на инструкторот е да ги идентификува вториве типови луѓе. Чувството за постигнат личен успех по првиот скок е огромно. Во комбинација со адреналин во крвта, почетниците пловат во облаци иако веќе слетале. Многу насмевки и раскажување на впечатоците. Најдоброто во скокањето е тоа што секој скок е различен. Се менуваат метеоролошките услови, падобрани, авиони и секој скок си има своја специфика. Сакам да кажам, тешко здосадува – сподели инструкторот Стефанов.
Најмладиот скокач е со наполнети 16 години бидејќи тоа е законскиот минимум. Оваа година ќерката на инструкторот Стефанов ќе наполни 16 години и ќе почне да скока со падобран од авион. Најстар падобранец во самостоен скок е Пајо Крушарев, кој скокнал на 66 години.
Аероклубот годинава слави 100 години од постоењето, што е редок јубилеј во земјава. Низ тој век во клубот поминале голем број воздухопловци кои со своето несебично залагање во активностите и посветена работа помогнале аероклубот да се одржи низ годините, низ секакви општествени услови, општествени уредувања, војни, кризи и елементарни непогоди.
- Аероклубот е сврталиште на сите вљубеници во воздухопловството и воздухопловните спортови. Низ своите секции се обучуваат пилоти, пилоти на едрилици, падобранци и моделари. За да може безбедно и ефикасно да работи, клубот генерира и други кадри како што се авиомеханичари, раководители на летање и скокање, правници за воздухопловни закони. Нашите пилоти и механичари секогаш биле преземани од државата и големите авиокомпании – потенцира тој.
Стефанов се наврати на историските почетоци и се присети дека секогаш постоеле групи ентузијасти, вљубеници во летањето и воздухопловните спортови кои го одржувале аероклубот низ годините да биде значаен чинител на скопскиот живот.
- Првиот скок со падобран на оваа територија е направен во Скопје, на аеромитинг во 1926 година. Тогаш скокнале пет падобранци, меѓу кои прв бил Александар Трајковиќ. Интересна приказна е дека тој ден требало да скока и госпоѓата Здравка Николиќ, сопруга на познатиот скопски меанџија Милојко. За да може да скока, таа уредно донела писмена согласност од сопругот и била избрана. Тоа било изненадување за Милојко и како што продолжува приказната, мистериозно снемало падобран за неа. Првите летови се правени со дрвени едрилици од леталиштето Зајчев Рид уште во 1924 година, а првиот авион е купен истата година и од фабрика долетал до Скопје. Во тоа време почесто се организирале аеромитинзи низ Кралството на Југославија со цел да им се приближи воздухопловството на граѓаните. Главни возбудливи точки на овие аеромитинзи биде летови со авион и скокови со падобран – раскажа Јане и додаде дека освен некои ситни повреди во падобранството, поголеми инциденти во овие 100 години немало. Безбедноста во летањето и скокањето секогаш била на прво место.
За да се прослави големиот јубилеј, клубот ќе организира низа настани во текот на годината. Славењето започнува со акција за прибирање „Нераскажани приказни“ и фотоспомени на членовите на аероклубот, од кои ќе се постави Изложба на стари фотографии, уметнички модифицирани, ќе се издадат и ќе се промовираат книги и ќе се одржи бал за доделување признанија на истакнати членови и државни натпревари во воздухопловни спортски дисциплини.
Прославата на 100-годишнината ќе кулминира со аеромитинг со акробатски прикази, авиони од генерална авијација и воени авиони, што ќе се одржи на спортскиот аеродром „Стенковец“ во Скопје на 16 септември 2023 година.
Фото: Аероклуб Скопје