Кога покривот на Богородичната црква во Париз беше зафатен од оган, целиот свет гледаше. Следна беше кулата, која се сруши во пламените јазици. Прво се случи во Париз, но потоа се случи на милиони екрани низ светот. Сега следува жалоста.
Многумина од оние што жалат за загубата на оваа зграда на некој начин се поврзани со неа. Ако се Французи, ударот може да е загубата на културно наследство, мал, но многу значаен дел од она што значи да се биде Французин. Ако се католици, може да е траумата предизвикана од загубата на незаменливо свето место на почетокот на најсветата недела во годината.
Но, и други луѓе во светот се сеќаваат на нивната посета на катедралата. Сета оваа жал се истури на социјалните мрежи, каде што се споделуваа спомени. За луѓето што чувствуваат поврзаност со местото загубата може да биде како жалење за смрт на славна личност.
- Фановите жалат не само за загубата на славно лице, туку и за други аспекти од нивниот личен живот кои станале врска со славната личност - истакна социологот Мајкл Бренан.
Жалоста што ја чувствуваме можеби не е толку за загубата колку што е за нашето феноменолошко искуство. Секако дека жалиме за самиот објект, но исто така се потсетуваме за тоа кои сме биле во тоа време, зошто ни било важно тоа тогаш итн.
Но, што е со оние милиони луѓе што не се поврзани со Нотр Дам, но ја чувствуваат загубата на вековниот труд на многу луѓе? Зошто ова нè погодува толку длабоко? Хрватската авторка Славенка Дракулиќ го разгледа ова кога размислуваше зошто фотографија од осквернавениот Стар мост од 16 век во Босна и Херцеговина ја погодило толку многу - дури и повеќе од фотографија од мртва жена. Според неа, овие чувства се за нашата смртност.
- Ние очекуваме луѓето да умрат. Сметаме дека нашите животи ќе завршат. Уништувањето споменик на цивилизацијата е нешто друго. Мостот, со сета негова убавина и грациозност, бил изграден да нè надживее; тоа е обид за да се зграпчи вечноста. Бидејќи тоа е производ и на индивидуалното креативно и на колективно искуство, ја надминува нашата индивидуална судбина. Мртвата жена е една од нас, но мостот е сè што сме ние, засекогаш - истакнува таа.
Речиси е премногу за нас за да можеме да прифатиме дека нешто што изгледа трајно како цигли и малтер сепак може да биде срушено речиси до земја. Ова е особено вознемирувачко кога станува збор за Париз - град кој изгледа фиксиран и неподвижен.
- Во секој ќош на Париз нешто ме потсетуваше: овој град е стар, останува ист. Луѓето ќе се обидат да ви кажат колку е поразличен, како еволуирал. Но, за мене тие промени се одвај регистрирани. Париз во основа е истиот. Тоа е целата поента. Париз ве убедува дека сте во круг на животот кој ќе заврши и дека сите пред вас се чувствувале исто толку важни и клучни за тој круг, а сепак и тие завршиле - истакнува новинарот Тафи Бродесер-Акнер.
Во културните имагинации на многу луѓе не е предвидено Париз да се менува. Спомениците како Нотр Дам не треба да се погодени од минувањето на времето, но не требаше да бидат погодени ни Националниот музеј на Бразил или богатствата во Палмира или кои било други културни богатства што ни беа одземени. И кога тоа ќе се случи, нè присилува да се соочиме со многу непријатна вистина: со милениуми сме граделе свет за идните генерации, но нашата способност да ги заштитиме за нив е многу поограничена отколку што би сакале да
признаеме.