X
 17.05.2018 Наука

Европа е главниот кандидат за вонземски живот




Месечината на Јупитер, Европа, е главниот кандидат во потрагата по вонземски живот, објавиле научници по детално проучување на податоците од вселенското летало „Галилео“, стари речиси две децении.


Јупитер и еден негов сателит
(Фото: Pixabay)


Ова летало на Американската вселенска агенција – НАСА било првото што во 1995 година влегло во орбитата на џиновската гасовита планета, но податоците што ги испратил „Галилео“ долго време им биле збунувачки на научниците.

Тие сега се уверени дека „Галилео“ таму поминал низ воден столб, односно своевиден гејзер што се пробил низ заледената површина на Европа. Под таа ледена покривка се наоѓа океан, двојно поголем од сите океани на Земјата заедно.

Во тој момент леталото било 200 километри над Европа.

„Од порано ни е познато дека на Европа има многу елементи потребни за живот, барем за онаков живот каков што ни е познат нам. Има вода. Има енергија. Има јаглерод. Можноста за постоење живот е едно од големите прашања што сакаме да ги истражиме“, изјавила научничката Елизабет Тартл од Лабораторијата за применета физика при Универзитетот „Џон Хопкинс“.

„Фактот дека откривме воден облик е многу возбудлив. Тоа значи дека постои начин материјалот од океанот, кој веројатно е најпогодниот дел од Европа за живот бидејќи е потопол и заштитен од радијацијата со ледената кора, да се пробива низ ледена капа. А тоа значи дека ќе можеме да дојдеме до примерок“, рекла Тартл.

За неколку години НАСА верува дека ќе има можност да го оствари тоа. Агенцијата има намера до 2022 година да го лансира леталото „Europa Clipper“ со цел да ја истражи орбитата на Јупитер.

Со ниски прелетувања, ова летало ќе настојува да дојде до примерок од „гејзерот“ и на тој начин да им овозможи на научниците потрага по евентуални микробни облици на живот во океанот на Европа.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука