X
 17.06.2018 Култура

Дневниците на Ајнштајн откриваат непозната расистичка црта во неговиот карактер

Дневниците на Алберт Ајнштајн, кои ги водел во текот на патувањата низ Азија и Блискиот Исток од октомври 1922 до март 1923 година, ја открија неговата претходно непозната расистичка страна, пренесуваат израелските медиуми. Прочуениот физичар ги запишал своите мисли, кои покажуваат ксенофобичен однос кон многу народи со кои се сретнал при патувањето, а посебно кон Кинезите.

Ајнштајн ги нарекувал „вреден, валкан и глупав народ“, споредувајќи ги со роботи, објави британскиот „Гардијан“.

Истражувачите биле шокирани од тоа откритие, особено затоа што Ајнштајн подоцна бил познат по својата хуманост и поддршка на борбата за граѓански права во САД.

Во 1956 година во еден свој говор го означил расизмот како „болест на белите луѓе“, наведувајќи дека нема да молчи за тоа.

Во раните 20-ти години ја повел својата сопруга Елза Ајнштајн на долго патување. Ги посетиле Хонгконг и Сингапур, двапати накратко биле во Кина и шест недели престојувале во Јапонија, каде што Ајнштајн држел предавања. Исто така, поминале и 12 дена во тогашна Палестина под британски мандат.

Дневниците од патувањата по Далечниот Исток, Палестина и Шпанија 1922-1923 (The Travel Diaries of Albert Einstein: The Far East, Palestinem and Spain, 1922-1923) неодамна ги објави „Принстон јуниверзити прес“.

„Тие се некаков вид контраст на јавниот имиџ на големата хуманитарна икона. Сметам дека е прилично шокантно да се читаат и да се споредуваат со неговите јавни изјави“, изјави преведувачот на дневникот од оригиналниот германски јазик на англиски јазик, Зеев Розенкранц, додавајќи дека тие не биле наменети за издавање.

Ајнштајн дури и за кинеските деца напишал: „..изгледаат глупави и без дух“.

Меѓутоа, неговиот однос кон другите азиски народи бил поинаков. Тој многу повеќе бил импресиониран од Јапонците, означувајќи ги како „ненаметливи, пристојни, сè на сè многу допадливи“.

Розенкранц изјавил дека и покрај што во тоа време преовладувале такви погледи, сепак не биле универзални.

Впрочем, Ајнштајн го напишал тоа долго време пред да види до што може да доведе расизмот во нацистичка Германија и пред да го почувствува расизмот против Афроамериканците во САД, каде што се преселил во 1933 година.

По триесетина години од патувањето во Азија, неговата сопруга запишала во дневниците дека тој одбил да стане претседател на Израел.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура