Канабисот со векови бил одгледуван како култура, но постојат малку историски или археолошки докази што покажуваат кога луѓето почнале да го користат за она што денес се користи најмногу: пушење.
Но, ископување на гроб стар 2.500 години во западна Кина ги откри најраните докази за тоа кога луѓето го употребувале канабисот за неговите психоактивни особини.
Научниците од Кина и Германија ги анализирале древните фрагменти и изгорени камења во гробовите. Резултатите покажале точно совпаѓање со високата количина на тетрахидроканабинол, најмоќното психоактивно средство во растението.
Авторите на истражувањето посочуваат дека канабисот веројатно се користел за време на погребни церемонии, можеби како начин за комуникација со божествата или мртвите. Сепак, мала е веројатноста дека канабисот се пушел на ист начин како денес. Поверојатно е тој да горел како темјан во затворен простор за да испушта чад.
Фото: CNN
- Ова е единствениот начин на кој канабисот се пушел пред појавата на лулињата, што е многу подоцна - вели Никол Боивун, директорка на Институтот за наука на човечката историја „Макс Планк“.
Долго време претставувало мистерија кога и каде биле откриени повисоките нивоа на психоактивни соединенија и користени од страна на луѓето. Канабисот бил одгледуван во источна Азија поради неговото мрсно семе и влакна 4.000 години пред новата ера. Сепак, раните видови на канабис како и повеќето диви подвидови, имале ниско ниво на соединенија со психоактивни својства, велат авторите.
Многу историчари сметаат дека потеклото на пушењето канабис се наоѓа во античките средноазиски степи, но овие аргументи се потпирале само на пасус од текст од крајот на првиот милениум пред новата ера, напишан од грчкиот историчар Херодот. Според авторите, ова
истражување ги нуди првите конкретни докази за пушењето канабис во оваа област.
Фото: CNN
- Наоѓањето докази за античката употреба на канабисот е исто како да се најде игла во сено, бидејќи овие докази се ретки, затоа што постојат малку можности за долгорочно зачувување на остатоците од активностите што вклучувале употреба на канабис - вели Боивун.