Пушењето е зависност од која е многу тешко, речиси невозможно да се ослободите. Сепак, некои луѓе успеваат во тоа, додека многумина само се обидуваат со повремени прекини, по што се враќаат на оваа штетна навика бидејќи нагонот за пушење е многу посилен.
За сите оние чии новогодишни одлуки вклучуваат откажување од пушењето, научниците имаат добри вести, односно метод кој би можел да им помогне да се откажат. Клучот е - паметни часовници, односно специјална апликација за уреди што се носат и би можеле да им помогнат. Според научниците од Универзитетот во Бристол, тоа е првата апликација наменета за откажување од пушење која работи целосно на паметни часовници и не бара поврзување со паметни телефони.
Резултатите од истражувањето се доста охрабрувачки и позитивни, но бидејќи беше спроведено на ограничен број луѓе и во краток временски период, во иднина ќе бидат потребни подетални истражувања за да се покаже колку овој метод е успешен на долг рок.
Како дел од истражувањето бил развиен специјален софтвер кој користи сензори за движење на уреди што се носат и ги препознава движењата на рацете специфични за палење и држење цигара. Кога апликацијата ќе препознае дека сопственикот пали или држи цигара, екранот ќе почне да трепка и часовникот ќе вибрира, додека на екранот ќе се појават пораки што би требало да поддржуваат откажување од пушењето. Овие пораки се напишани од луѓе кои се откажале од пушењето или од пушачи кои сè уште се обидуваат да се ослободат од оваа навика.
- Откажувањето од пушењето ви овозможува полесно да дишете. Откажувањето е добро - се вели во една порака, додека другите пораки го покажуваат вкупниот број испушени цигари, односно бројот на испушени цигари во текот на денот.
Во истражувањето, објавено во научното списание „Ем-ај-ар форматив рисрч“, апликацијата била тестирана на 18 луѓе кои имале намера да се откажат од пушењето. Сите што учествувале во истражувањето, а станува збор за луѓе на возраст од 18 до 70 години, пушеле повеќе од 10 цигари дневно, додека ги држеле во десната рака, на која носеле и „тиквач“ со две специјални апликации.
По двенеделно користење на апликациите, тие пополниле прашалник од 27 прашања во кој дале повеќе или помалку позитивни оцени за употребата на паметните часовници со софтвер кој треба да им помогне да се откажат од пушењето, а повеќе од 60 отсто од нив нагласиле дека пораките што им биле прикажани на екранот биле важни и клучни за одвикнување. Исто така, се покажа дека апликацијата успеала да ја подигне нивната свест за штетните ефекти од пушењето и им помогнала да пушат помалку, а тие генерално се чувствувале позитивно за откажувањето од пушење.
Од друга страна, дел од испитаниците рекле дека ваквите пораки со текот на времето ја губат својата ефикасност, а за некои се премногу нејасни.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik