X
 29.05.2023 Живот

Оваа земја забранува рекламирање на тутун на места и во медиуми блиски до младите

Швајцарија ќе го забрани рекламирањето на тутунски производи и електронски цигари на места и во медиуми блиски до младите луѓе, најави швајцарската Влада, со што практично ќе ја спроведе одлуката донесена на референдумот минатата година.

Швајцарската Влада соопшти дека новите закони ќе се применуваат од средината на 2026 година, а ги зајакнува ограничувањата кога станува збор за пакување и рекламирање на тутун и електронски цигари, кои ќе стапат во сила следната година.

Построгите ограничувања следуваат по успехот на референдумот „Да-заштита на децата и младите од рекламирање на тутунот“ во февруари 2022 година, кој беше поддржан од 57 отсто од швајцарските гласачи.

Овој потег, кој треба да влијае врз печатените медиуми, онлајн рекламирањето и фестивалите, е со цел да ја намали потрошувачката на тутун и смртните случаи поврзани со него.

Според Владата, пушењето е сè уште релативно распространето во Швајцарија, каде што околу 9.500 луѓе годишно умираат предвреме како резултат на употребата на тутун, што се смета за еден од најголемите здравствени проблеми во земјата.

- Употребата на тутун предизвикува многубројни незаразни болести, а трошоците за нивното лекување изнесуваат три милијарди швајцарски франци годишно - соопшти Владата, додавајќи дека рекламирањето на тутунот игра важна улога во одлуката за почеток на пушењето.

Во Швајцарија, во 2022 година, 6,9 отсто од децата на возраст од 11 до 15 години пушеле цигари во последните 30 дена, додека 5,7 отсто од младите на возраст од 15 до 24 години користеле електронски цигари најмалку еднаш месечно.

Во иднина нема да биде дозволено рекламирање на тутунски производи или електронски цигари во печатени медиуми, продавници или настани што ќе можат да ги посетат малолетници. Рекламирањето на мрежите ќе продолжи да биде дозволено под услов да постојат системи за контрола на возраста на корисниците.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот