X
 02.03.2017 Здравје

За цигари младите фрлаат и по 4.000 денари месечно



Првата цигара најчесто ја палат на 15 години, а веќе на 16 знаат да потрошат и по 4.000 денари за пушење. Овој порок го имаат дури 38,4 проценти од учениците, покажало истражување на ЕСПАД (Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги), кое за Македонија го спровед Институт за јавно здравје - ИЈЗ. Иако бројот на млади кои пушат низ годините се намалува, лекарите предупредуваат дека многу млади ја имаат лошата навика, која негативно влијае на здравјето. Некои од нив почнале да пушат и пред 9 години, а се почесто пушат девојчињата. Математиката покажува дека има млади луѓе, страсни пушачи, кои за цигари месечно знаат да потрошат и по 4.000 денари.


Момчињата поголеми зависници од цигари

Истражувањето е спроведено во 82 средни училишта од вкупно 116, во 2015 година меѓу 4.739 ученици од прва и втора година. Меѓу пушачите, покажува истражувањето, најзастапена e групата ученици кои пушеле 1-2 пати во животот (14,7 проценти). Повеќе од 40 пати пушеле 10,7 отсто од учениците, а 24,2 проценти од испитаниците изјавиле дека пушеле во текот на последниот месец. Од нив 1,9 отсто пушеле над 20 цигари дневно.

- Цигарите се повеќе застапени меѓу машките ученици, но постои тренд на зголемување на бројот на пушачи меѓу девојчињата – вели д-р Силвана Ончева од Институт за јавно здравје, која го водела истражувањето кај нас.


д-р Силвана Ончева

Најевтината кутија со 19-20 цигари се продава за 60 денари, додека најскапата од оние кои најчесто се трошат е 135 денари. Тоа значи дека најстрасните млади пушачи кај нас, кои трошат една кутија дневно, за цигари може да потрошат од 1.800 до 4.000 денари месечно.

- Младите бараат и цигари со средна цена, но и скапи цигари. Девојчињата често бараат да се слим, тенки, а момчињата неретко знаат да купат пакувани по 10, кои чинат околу 50 денари – вели продавачка во трафика.

Предизвикува опасни болести

Бројот на пушачи благо опаѓа во однос а претходните години, но лекарите потенцираат дека никогаш не треба да сме задоволни кога станува збор за овој порок.

- Истражувањето покажа дека младите најчесто првата цигара ја земаат на возраст од 15 години (14,5 отсто). На возраст од 14 години прв пат пробале цигара 8,2 проценти, додека на 13 годишна возраст 4 отсто од учениците. Сепак, како и во претходните години значителен е и бројот на млади кои за прв пат пушеле на возраст под 9 години (4 проценти). Сè почестата застапеност на психоактивни супстанци кај девојчињата укажува на потребата од преземање на специфични родово сензитивни мерки и активности во иднина што ќе придонесат за стагнација или намалување на овој неповолен тренд – вели д-р Ончева.

ИЈЗ во 2016 година со поддршка на Светска здравствена организација го спроведе Глобалното истражување за употреба на тутун/цигари кај младите, со ученици од 8, 9 одделение од основните училишта и прва година од средното образование (на возраст од 13, 14 и 15 години).

- Резултатите говорат дека во моментот 10,9 отсто од учениците користеле тутун. Цигари пушеле 7,6 проценти од учениците во моментот на истражувањето – објаснува докторката.

Најголем дел од пушачите цигарите ги купуваат сами во продавница и повеќето не биле спречени да купат. Инаку, 46,2 отсто од учениците биле изложени на чад од цигара во домот, 47,4 отсто на јавно место. Повеќе од половина ученици виделе како некој друг пуши во и околу училиштето.

Пушењето цигари е штетно за здравјето. Се смета за главен ризик фактор за рак на бели дробови, дека го зголемува ризикот од рак на главата и вратот, а е виновник за појава на канцер и на други органи и ткива. Пушачите имаат зголемен ризик од шеќерна болест или дијабетес, од заболувања на непцата. Цигарите се виновници за намален транспорт на кислород до срцето и другите органи во телото. Меѓу другото, пушачите имаат два до четири пати поголем ризик од болести на кардиоваскуларниот систем, а пушењето се смета главен ризик фактор за срцеви заболувања. Заедно со никотинот, кој создава зависност, цигарите имаат неколку отрови во себе како карбон моноксид, катрани и хидроген цијанид.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје