Од моите посети на Брисел на почетокот на годинава научив дека ние како наставници во Република Македонија сме исклучителни, вели Александра Блажевска, наставничка по хемија во скопското Основно училиште „Јан Амос Коменски“
На учениците во Македонија ништо не им недостига. Тие се исклучителни и слободно можат да се носат со врсниците од европските земји. Недостига единствено поголема самокритичност кај родителите и поголема самодоверба на наставниците, особено при користењето странски јазици, вели Александра Блажевска, наставничка по хемија во скопското Основно училиште „Јан Амос Коменски“.
Европска заедница за образование по природни науки
Покрај професијата наставник по хемија, таа е еден од дваесетте македонски Scientix амбасадори во истоимената Европска заедница за образование по природни науки. Што претставува Scientix, какви искуства стекнуваат нејзините амбасадори и на кој начин тие се рефлектираат во нашиот образовен систем и конечно кај најдиректните учесници – учениците и наставниците?
Кохезијата со европскиот систем е неминовна
Блажевска вели дека нивната мисија е да го претстават европското образование по природни науки.
- Во Македонија има 20 амбасадори и едно национално контакт-тело. Нашата улога е да ја прошириме заедницата на Scientix и да им овозможиме на наставниците, креаторите на образовните политики, универзитетите, истражувачите подобро образование по природните науки. Scientix овозможува професионален напредок на наставниот кадар, размена на искуства, поврзување, информации за најновите трендови во образованието, достапност до научни трудови поврзани со образованието и до ресурси за реализација и унапредување на наставата. Со оглед на фактот што Македонија е земја-аспирант за членство во ЕУ, кохезијата на нашиот образовен систем со европскиот е неминовна. Scientix овозможува јакнење на капацитетите во образовниот систем, и сето тоа бесплатно. Се залагаме за квалитетно образование, во кое сите би биле среќни и задоволни. И ние, и учениците, и целото општество, а тоа може да го постигнеме само ако постојано учиме, се поврзуваме и споделуваме – објаснува Блажевска.
Македонија - една од 30. наградени од околу 800 учесници од 40 земји
Scientix е финансирана од програмата за истражување и иновации „Хоризонт 2020“ на Европската комисија, а ја координира European Schoolnet Academy, во која членуваат 34 министерства за образование. Тие се движечки фактор во иновативните начини на учење и подучување и треба да придонесат во националните политики да се подобри начинот на изучување на природните науки.
Блажевска вели дека нејзиното искуство како амбасадор го имплементира во наставата преку спроведување предавања на кои ги пренесува можностите што ги нуди Scientix, и преку работилници во кои на интерактивен начин презентира некој од проектите што ги нуди Европската заедница за образование по природни науки.
Освојуваме медали на светско ниво – тоа е факт
На прашањето како реагираат нашите ученици на поинаквиот пристап и како тие се носат со достигнувањата на нивните врсници од развиените европски земји, Блажевска вели:
Александра Блажевска (лево)
- Учениците по природа се истражувачки насочени и тие постојано сакаат нови предизвици и активности. Начелно, на нашите ученици не им недостига ништо. Тие се исклучителни, слободно можат да се носат со врсниците од европските земји. Недостига поголема самокритичност кај родителите. Нам, на наставниците, ни недостига пред сè самодоверба во користењето на странските јазици. Од моите посети на Брисел на почетокот на годинава научив дека ние како наставници во Република Македонија сме исклучителни, и покрај честите промени на наставните програми, лошите наставни програми, лошите учебници, недостигот на ресурси и слично. Успеваме и тоа како да постигнеме многу добри резултати. Фактот дека освојуваме медали на олимпијади на светско ниво од само толку мала популација на граѓани, фактот дека учествувавме на третата Scientix Confernce со трудови, работилници и презентации покажува дека наставниот кадар е како пиреј и постојано безрезервно вложува во своите ученици. Потребни ни се мотивација и охрабрување да направиме чекор понапред и да споделиме искуства и средби со колеги од други европски земји. Така полесно ќе разбереме колку навистина вредиме – вели Блажевска.
Кога ќе се сретнете со колегите од Европа, сфаќате колку навистина вредите
Пред една недела во Еuropean Schoolnet Academy во Брисел на Блажевска ѝ беше врачена награда за фестивалот It is COOL to be STEM, кој беше организиран во рамките на неделата за промоција на природни науки во училиштето „Јан Амос Коменски“ во соработка со Креативниот центар - Карпош. Учествуваа 150 ученици од прво до деветто одделение од десет училишта од Карпош. Во рамките на иницијативата беа одржани повеќе од 800 настани во 40 европски земји. Активноста во Скопје беше една од 30-те што добија награди.
На прашањето што значи ова признание за неа како наставник, Блажевска вели:
- Да ја претставувате сопствената држава преку тоа што го работите е најголемата мотивација што може да ја добиете. Наградатa сама по себе е потврда дека не заостануваме зад европскотo образование, но треба да се подобриме во однос на промоцијата на нашата работа. Таа можност ни ја дава Scientix – вели Блажевска.