X
 17.07.2019 Наша тема

Ратко Дуев, декан на Филозофски факултет: Најсигурна инвестиција на секој млад човек е знаењето

Покрај осовременување на постојните програми, изминатата година работевме на зајакнување на научната инфраструктура за да им овозможиме на нашите студенти полесно да ги прават своите истражувања и да ја имаат сета достапна домашна и светска научна литература по пример на сите светски универзитети, вели Дуев

Летни школи, студентски размени, склучени над 100 договори со светски факултети, 110 предавања на професори од најреномираните странски универзитети, нови електронски платформи за учење, можности за учење на далечина и практична настава... Ова се само дел од новитетите со кои може да се пофали Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Деканот Ратко Дуев вели дека главна задача е на студентите да им понудат широк спектар на можности согласно нивниот интерес.

- Најсигурна инвестиција на секој млад човек е знаењето. Секако, мошне тешко е за еден матурант на таа возраст да биде сигурен во изборот на професијата, па затоа треба да ги следи своите афинитети, она што тој лично сака да го студира, без да се подведува под влијанието на околината. Љубовта кон знаењето и кон одредена наука, доколку учи посветено, секогаш на секој студент ќе му донесе успех во иднина - вели Дуев.


Проф. д-р Ратко Дуев

За еден месец почнуваат уписите за новата академска 2019/2020 година. Што ново ќе им понуди Филозофскиот факултет на идните студенти?

- Филозофскиот факултет е најстариот факултет во нашата држава на кој се изучуваат најголемиот дел од општествените и хуманистичките науки. За идните студенти во новата учебна година нуди 19 студиски програми: филозофија, педагогија, социологија, психологија, историја, историја со архивистика, историја на уметноста, археологија, класична филологија (со една од потпрограмите: антички студии или византологија), старогрчки јазик и античка книжевност (со една од потпрограмите: македонски јазик, француски јазични студии и француски книжевно-културолошки студии), латински јазик и античка книжевност (со една од потпрограмите: македонски јазик, француски јазични студии и француски книжевно-културолошки студии), безбедност, одбрана и мир, социјална работа и социјална политика, специјална едукација и рехабилитација, родови студии, семејни студии, андрагогија, приватна и корпоративна безбедност, меѓународни и интеркултурни студии. Во изминатата година факултетот засилено работеше на вмрежување во европски и светски програми за размена на студенти, како и регионални соработки, со што бројката стигна до 100 договори со европски и светски факултети. Ова е можност за секој иден студент еден семестар од своето студирање или одреден период да помине на престижни светски универзитети.

Исто така, факултетот нуди можност преку програмите за мобилност, јавни предавања и меѓународната недела студентите да слушаат за најновите достигнувања во науката од врвни професори од САД, Израел и од Европа. За одбележување е дека изминатата учебна година дури 110 странски професори одржале предавања пред студенти на Филозофскиот факултет. Како факултет секогаш се стремиме кон отвореност кон светот. За таа цел, студентите имаат можност да учествуваат на меѓународни летни школи, студентски конференции, студиски посети, активно да придонесуваат во работата на факултетот преку единственото студентско списание во нашата земја „Внатрешен патник“, кое од оваа година ќе се печати и со Брајово писмо. За олеснување на студирањето, Филозофскиот факултет се приклучи кон електронската мрежа за библиотечни податоци – КОБИС (COBISS) со што целиот библиотечен материјал на факултетот студентите ќе можат да го пребаруваат и електронски. Преку проектот „Пристапен систем за управување со учењето во хуманистичките и општествените науки“ оваа година очекуваме да почнеме и со е-платформа за учење која ќе има можност да ги трансформира наставните материјали од текст во говор, со што лицата со образовни тешкотии ќе имаат олеснет пристап при студирањето на Филозофскиот факултет. Она што е најважно во сите меѓународни и домашни проекти е што се вклучени голем број студенти, што ќе им овозможи да стекнат не само пракса, туку и да ги зголемат своите знаења и вештини кои ќе им бидат од голема полза во понатамошната кариера.


Студиска посета на Универзитетот во  Солун

Какви новитети се планирани за вториот и третиот циклус на студии?

- Покрај осовременување на постојните програми, изминатата година работевме на зајакнување на научната инфраструктура за да им овозможиме на нашите студенти полесно да ги прават своите истражувања и да ја имаат сета достапна домашна и светска научна литература по пример на сите светски универзитети. Покрај достапноста до КОБИС, факултетот ги дигитализира сите свои научни списанија, почнувајќи од најстарите: „Гласник на скопското научно друштво“, чиј прв број е излезен во 1926 г., Годишен зборник на Филозофскиот факултет од 1948 г., најстарото меѓународно списание во Македонија „Жива антика“ од 1951, кои се поставени на веб-страницата https://periodica.fzf.ukim.edu.mk.

Направена е дигитализација на сите досега одбранети магистерски и докторски трудови, кои се поставени на е-репозиториумот на УКИМ. Во учебната 2018/2019 година е направена претплата на најголемата електронската база на академски списанија JSTORE, чија збирка содржи клучни списанија од хуманистичките и општествените науки и опфаќа 45 научни дисциплини (составена од 699 наслови, 3,7 милиони статии и 26,6 милиони страници). Целта е на магистрандите и докторандите да им понудиме услови за студирање според светските стандарди. Со е-платформата развиваме можности и за учење на далечина, што ќе овозможи поголемо вклучување на странски професори без големи трошоци за патувања и престој.


Посета на Универзитетот Нар Илан во Израел

Покрај овие активности, склучивте меморандуми и договори за соработка со многу домашни, светски, како и регионални институции. Од какво значење се всушност овие соработки за Филозофскиот факултет?

- Покрај договорите за мобилност, склучивме и голем број билатерални и мултилатерални договори со универзитети во регионот и во светот. Сите овие договори се со цел создавање на една широка база за поголема можност за организација на заеднички научни собири, летни школи, студиски посети и аплицирање заеднички меѓународни проекти. Но факултетот ја следи својата традиција на отвореност кон заедницата, така што склучивме голем број договори со јавни институции, здруженија на граѓани и компании за зголемување на можноста за практична настава на студентите и нивно активно учество во разни проекти. Се обидуваме да ја наметнеме нашата визија дека за да има напредок во една држава, мора да функционира триаголникот држава – високо образование – заедница. Иако многумина прават обиди делот „заедница“ да го заменат со „бизнис-сектор“, искуствата на развиените земји укажуваат дека на заедницата (чиј дел е бизнис-секторот), подигањето на општествената одговорност на сите граѓани за државата преку инвестиција во високото образование ѝ носи најголем напредок. Затоа, преку јавно-приватно партнерство склучивме договори со кои компаниите ќе инвестираат во опрема за студентите да можат да имаат пракса и да учат на најсовремените технологии, да се искористи потенцијалот на професорите, студентите, но и практичарите вработени во самите компании.

Практичната работа во текот на студиите е една од алките што недостигаат во нашето образование. Какви можности им се отвораат на Вашите студенти со вклучувањето на заедницата во работата на факултетот?

- Наша задача е на студентите да им понудиме еден широк спектар на можности според нивниот интерес. Сите овие соработки, покрај редовната настава, нудат можност за избор на места каде што тие можат да стекнат практични знаења, можност за размена и учење со своите колеги од светот, зголемување на знаењата и вештините преку учество во проекти, нови вештини за организација на настани, конференции, учество на летни школи, можности за аплицирање на разни програми за студентски размени и активно вклучување во академскиот и општествениот живот.

За кои студиски програми во последните пет години има најголем интерес?

- Во последните години нема големи промени кога е во прашање интересот на идните студенти. Најголем интерес има за студиската програма по психологија, потоа безбедност, одбрана и мир, специјална едукација и рехабилитација, социјална работа и социјална политика, иако морам да напоменам дека стандардно интерес има и за останатите програми, како педагогија, историја, семејни студии.



Што би им препорачале на сите што се двоумат каде да го продолжат високото образование? Зошто да го изберат Филозофскиот факултет?

- Уште во антиката, Сократ верувал дека знаењето е најголема доблест на човекот, преку која можат да се сочуваат во секоја држава највисоките доблести, а тоа се слободата и демократијата. Најсигурна инвестиција на секој млад човек е знаењето. Секако, мошне тешко е за еден матурант на таа возраст да биде сигурен во изборот на професијата, па затоа треба да ги следи своите афинитети, она што тој лично сака да го студира, без да се подведува под влијанието на околината. Љубовта кон знаењето и кон одредена наука, доколку учи посветено, секогаш на секој студент ќе му донесе успех во иднина. Она што е важно е да стекне знаења, вештини и компетенции што ќе му овозможат да биде добар во својата струка, со еден збор да биде вработлив, самиот ќе ја создаде сопствената иднина.

Изборот на една од 19 студиски програми на Филозофскиот факултет значи вклучување во мозаикот наречен „Еден век високо образование, еден век државотворност“, како генерација која ќе студира во 100-тата учебна година. Можност да се стане дел од генерациите дипломирани наставници по историја, филозофија, социологија, латински и старогрчки јазик, потоа педагози, археолози и историчари на уметноста, општествени работници, како социјални работници, специјални едукатори и рехабилитатори, психолози, едукатори по семејни студии, родови студии, дефендолози и експерти по безбедност, кои покрај основните звања, во текот на студиите стекнале и други вештини и знаења со чија примена успешно работат во многу други области, а и во приватниот сектор. Анализата на работните места на дипломираните студенти дава еден широк спектар, покрај наведените, во маркетинг-агенции на работни места каде што се бара писменост и креативност, приватни училишта за деца со посебни потреби, приватни градинки, приватни училишта, психолошки советувалишта, агенции за испитување на јавното мислење, медиумски работници, армија, полиција, агенции за приватно обезбедување, невладин сектор, познати писатели, уметници, политичари, теолози, социјални работници во големи компании итн.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/ vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема