Од досегашното искуство на држење настава само по електронски пат увидовме дека студентите покажаа многу послаби резултати на испитите во летната сесија, која се одвиваше комбинирано. Седењето дома, немањето интеракција со своите колеги, самата состојба во која се наоѓаме ја намалија мотивацијата за учење, вели деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев
Како е најдобро да се одвива наставата во новата академска 2020/2021 година? Со физичко присуство, целосно онлајн или можеби комбинирано? Периодов студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје преку своите универзитетски собранија прават анкета на која треба да се изјаснат. Во тек е септемвриската сесија, која се одвива комбинирано. Факултетите се фалат дека нема никакви пречки во реализацијата на испитите. Но, што да се очекува наесен, односно од 1 октомври, кога треба да почне новата академска година?
- Најдобро е наставата од октомври да се одвива комбинирано и со присуство во слушалните (според протоколите за заштита од коронавирусот) и со е-настава. Ова е особено важно за студентите што ќе ги започнат своите студии во новата учебна година и првпат ќе стапнат во зградите на факултетите, за да можат да се запознаат со студиите, наставниците, службите и просториите. Од досегашното искуство на држење настава само по електронски пат увидовме дека студентите покажаа многу послаби резултати на испитите во летната сесија, која се одвиваше комбинирано. Седењето дома, немањето интеракција со своите колеги, самата состојба во која се наоѓаме, ја намалија мотивацијата за учење - вели деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев.
Според проф. д-р Дуев, распоредот на часови мора да биде почитуван, со што дел од предавањата да се одвиваат по електронски пат, а дел - особено вежбите да се одвиваат во просториите за да се намали фреквенцијата на студенти низ факултетите. Тоа е особено важно поради интеракцијата меѓу наставникот и студентите.
Според претседателот на Универзитетското студентско собрание, Борјан Ефтимов, секој факултет, во консултации со студентите, треба самостојно, согласно спецификите на наставната материја, да одлучи како ќе ја реализира наставата во следниот семестар.
- Доколку факултетот се одлучи за физичко присуство, тогаш верувам дека со почитување на протоколите, здравјето на студентите и на наставниот кадар ќе биде загарантирано - вели Ефтимов.
Проф. д-р Димитар Ташковски, декан на Факултетот за електроинженерство и информатички технологии, согласно сите прогнози за развој на ситуацијата со коронавирусот во претстојниот период, не верува дека има услови наставата да се реализира со физичко присуство на студентите.
- Пред сѐ, поради фактот што голем дел од факултетите, поради големиот број студенти, не може да обезбедат услови за физичка дистанца во текот на предавањата и аудиториските вежби. Искуството од претходниот семестар дава надеж дека наставата без проблеми може да се реализира и на далечина. Во овој момент, тоа е и најреално сценарио. Проблем може да биде одржувањето на лабораториските вежби на техничките, природните, медицинските факултети, кои се од исклучително значење за развојот на студентите. Но, бидејќи овие вежби се организираат во помали групи, тие може да се реализираат и со физичко присуство на студентите, запазувајќи ги сите пропишани безбедносни мерки. Предуслов за реализација на овој тип настава ќе биде и работата на студентските домови - вели Ташковски.
На ФИНКИ е соодветно да имаме онлајн-настава според природата на наставата по информатика, вели проф. д-р Иван Чорбев
Новата академска година треба да се креира според природата на факултетот и науката што ја обработува – дали е соодветна за онлајн-настава или мора физички да се одработи нешто, потоа бројот на студенти и условите што ги има факултетот за работа, ова е став на проф. д-р Иван Чорбев, декан на ФИНКИ.
- Во најдобар случај треба да има комбинирана настава, со онлајн-предавања секаде каде што се може и физичко присуство каде што мора. Кај нас е сосема соодветно да биде онлајн според природата на наставата по информатика - завршува Чорбев.
На Градежниот факултет планираат, како и во овој семестар, да организираат онлајн-предавања со помош на алатката „Зум“, а можеби и со „Moodle“, ни сподели продеканот за настава, проф. д-р Златко Зафировски.
На Градежниот факултет се подготвени за онлајн-настава во новата академска година (фото: Борче Поповски)
На Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се подготвени за онлајн-настава, но, сепак, го чекаат последниот збор, односно одлука на Владата.
Комбинираната настава е најдобра за студентите и за наставниот кадар, вели проф. д-р Емилија Фиданчевски, деканка на Технолошко-металуршкиот факултет.
- Ова подразбира држење предавања во училница, физичко присуство на дел од студентите и онлајн за оние студенти што не се во можност да присуствуваат. Лабораториските вежби е најдобро да бидат реализирани со физичко присуство. Но, следејќи ги најавите за претстојниот период, онлајн-наставата ќе биде најбезбеден избор - смета Фиданчевски.
На Медицинскиот факултет најверојатно ќе се понуди комбиниран пристап, но зависи и од ковид-ситуацијата во тој момент.
- Сѐ зависи од ситуацијата со ковид-епидемијата во тој момент. Сепак, има уште 30-ина дена дотогаш и најверојатно ќе одиме со комбиниран пристап. Онлајн - теоретска настава, а практичната настава да биде дел онлајн - дел со физичко присуство во мали групи, со сите мерки на претпазливост. Исто како и во јунската сесија, и во септемвриската сѐ е во најдобар ред и се одвива непречено. И за испитите имаме комбиниран пристап - вели деканката, проф. д-р Соња Топузовска.
На Факултетот за музичка уметност во моментов се разработуваат повеќе опции што би соодветствувале на спецификата на нивните студиски програми, можности на институцијата и генералните препораки и протоколи, вели проф. д-р Живко Фирфов, декан на ФМУ.
- Во моментов разработуваме повеќе опции кои би соодветствувале со спецификата на нашите студиски програми, можностите на институцијата и генералните препораки и протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Доколку условите и состојбата со пандемијата дозволат, возможна е хибридна настава (комбинирана онлајн-настава и со физичко присуство) или само онлајн-настава.
Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип на некој начин добро се справи со онлајн-наставата во текот на изминатиот семестар, а сето тоа беше и добро оценето од страна на „Мајкрософт“, посочува продеканот за настава, проф. д-р Мишко Џидров.
- Ова нè става во некоја ситуација каде што и двете опции на настава, и онлајн и во предавалните, се на располагање. Нашето искуство е добра основа за подготовка за наредниот семестар, па така академскиот кадар веќе доби насоки за развој на нови и подобрување на постојните материјали, размислување за воведување нови онлајн-содржини и развој и дополнување на онлајн-опциите за полагање колоквиуми и испити. Сепак, ќе чекаме конкретни препораки од министерствата и Комисијата за здравство - вели Џидров.