X
 17.07.2021 Живот

Борбата против лажните вести е избор „да се биде или не“!

Борбата против дезинформациите и лажните вести е многу потешка од сите меѓународно преземени и домашно применети или создадени мерки и активности. Тоа е комплексен процес, во којшто не можат да се изборат сами ниту медиумите, ниту институциите, ниту граѓанските организации, најмалку поединците, а последиците може да се многу пострашни од ова сега

Автор: Теофил Блажевски, уредник и новинар во Фондацијата Метаморфозис на медиумските проекти Сервис за проверка на факти во медиумите и на Вистиномер од 2015 година


Текстот е оригинално објавен на „Рес публика“

Двајца албански новинари беа приведени од полицијата и однесени на испрашување во врска со веста емитувана на нивните медиуми на 23 септември 2019 година, дека околу полноќ се очекува земјотрес со магнитуда од над 6 степени, којшто ќе го погоди регионот на Тирана. Новинарите од различни медиуми, Syri.net и Gazeta Sheculli, пласираа во јавноста вест во која го повикаа населението да ги напушти своите домови, што и се случи, пред сè поради стравот од штетата што ја нанесе земјотресот еден ден претходно во околината на Драч.

Паниката од лажната вест беше доволна причина за приведување на новинарите, иако во меѓувреме и двата медиуми брзо ја повлекоа веста. Сепак, се потврди и уште нешто – огромната моќ на лажните вести да направат штета.

Ваквата опасност особено доаѓа до израз во време на големи кризи, национални или глобални, големи стресови, кога луѓето се чувствуваат ранливи, па во состојба на самоодбрана се доведени да посегнат и по оној наратив или дезинформација кои барем на миг ќе им овозможат да се чувствуваат посигурни.


Теофил Блажевски

Пандемијата го вклучи алармот

На глобално ниво, клучните фактори од меѓународната политика и од меѓународните организации специјализирани за јавното здравје, како што е, на пример, Светската здравствена организација (СЗО), веднаш ја препознаа опасноста од дезинформациите, од погрешните информации или лажните вести, паралелно со опасностите што и онака ги носат вирусите, како што е новиот коронавирус и неговите мутации.

Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, уште во раната фаза на пандемијата на 28 мај 2020, ја нарече оваа информативна опасност „инфодемија“ (infodemic), пред него тоа го стори првиот човек на СЗО Тедрос Гебресиус, а УНОДОК, уште на 31 март, објави предупредување дека ОН преземаат чекори да се борат со различен криминал поврзан со вирусот („од продажба на лажни лекови за заштита од вирусот преку онлајн нарачки, до кибернапади врз болници или важни информатички системи“), но и „против ширењето лажни информации околу вирусот“.
Во исто време беше објавено дека на крајот од март 2020 г. е креирана веб-страницата „Одговор на КОВИД-19“, а СЗО, пак, ја отвори веб-страницата „Разурнувач на митови“ (Mythbuster) или „Совети за јавноста околу КОВИД-19: разурнувач на митови“.
По ова следеа и низа меѓународни јавни кампањи. Една од нив е кампањата „Паузирај“ на ОН, која ги советува луѓето, пред да споделат информација, да размислат околу неколку работи („изворот на информации“, „кога било објавено“, „кој ми го испратил материјалот“, „зошто да споделувам“...). Токму оваа кампања – беше неодамна соопштено од ОН – според истражувањето на познатиот МИТ (Институт за технологија од Масачусет), во САД и во Велика Британија помогнала во забавување на ширењето на дезинформацииите и лажните вести.

Проверката на факти важна и за медиумите и за социјалните мрежи


Меѓу информациските контрамерки на глобално и на локално ниво беше и засилувањето на механизмот на проверка на факти, коешто се одвиваше на две нивоа. Едното ниво беше преземено автономно од веќе постојните верифицирани членки на Меѓународната мрежа на проверувачи на факти (IFCN – дел од институтот Поинтер), кои уште во рамките на редовната работа почнаа да ги проверуваат фактите околу различни информации во медиумите за вирусот и болеста.

Второто ниво беше преземање одговорни акции од самите компании што денес ги поседуваат најмоќните социјални мрежи, како на пример Фејсбук, кои самостојно решија да се спротивстават на дезинформациите на два начина – сами да ги препознаваат автоматски или да ги контролираат рачно и да ги отстрануваат или да ги засенчуваат објавите. Притоа, тие увидоа дека за кредибилноста на процесот, подобро е да ги користат услугите на сервисите за проверка на факти што се по одредени правила креирани од Фејсбук, а кои, според сите методи на проверката на факти, ги означуваат лажните или делумно лажните тврдења во објавите. Фејсбук потоа ги затемнува и остава линкови со информациии зошто е сторено тоа. Последната мерка што ја презеде Фејсбук е предупредување за целиот профил дека континуирано шири лажни вести или дезинформации. Во оваа мрежа на меѓународни „факт-чекери“ што имаат договор за соработка со Фејсбук, од август лани е и „Вистиномер“, единствениот верифициран медиум од страна на IFCN што проверува факти во РСМ.

Лажните вести убиваат!

Пандемијата во текот на 2020 и 2021 година со ширењето на коронавирусот е најсвеж пример на овој стар феномен, сега со нова појавна форма што може да се анализира и во РСМ, бидејќи ефектите врз македонското општество се видливи. Важно е да се истакне дека лажните вести може да убијат! И тоа е докажано не само со пандемијата, туку низ целата повеќевековна историја на дезинформациите, а која кај нас, на пример, можеше да се види и за време на една друга криза, онаа во 2001 година. Како еден од релевантните извори за ова може да се смета и книгата Сведоштва 2001 од сега покојниот генерал Панде Петровски, во тоа време началник на ГШ на АРМ (види стр. 88, стр. 91, стр. 194...).

Затоа, борбата против дезинформациите е толку многу важна; не станува збор само за медиумско прашање или за тоа како е поставен еден медиумски систем, туку таа е многу поважно и поголемо прашање, кое е пред сè политичко, а кое, просто речено, се сведува на борба на продемократските со антидемократските сили.

Всушност, проблемот со дезинформациите и со лажните вести е нов вид војна, и околу тоа се согласуваат дури 75 отсто од граѓаните на Западен Балкан, а според истото истражување (Секјируметар на РСС), дури 82 отсто од граѓаните на Македонија.

Трендовите во земјава се слични или исти со глобалните

Фондацијата Метаморфозис од Скопје, која е издавач и на медиумскиот проект „Вистиномер“, неодамна објави анализа на дезинформациите поврзани со КОВИД-19 во земјава. Уште во воведот на анализата се наведува следниот заклучок:

„Анализата на дезинформациите поврзани со пандемијата на КОВИД-19 покажува дека нивната сила зависи од постојните општествени фактори, коишто се погодни за ширење разни форми на манипулации (општествена кохезија, нивоа на образование, доверба во институциите, степен на почитување на човековите права, меѓу кои и слободата на изразување) и дека во Република Северна Македонија веќе постоеше погодна почва за ширење на инфодемијата и преку постојни пропагандни структури (поврзано со злоупотреба во локален политички контекст) и преку социјалните мрежи од страна на лица и групи неповрзани со етаблирани центри на моќ. Огромен дел од дезинформациите не беа оригинални, туку увезени од глобалната медиумска сфера или претставуваа прекугранични дезинформации, кои се шират во регионот на Балканот.“

Заклучоците и согледувањата за анализата беа изведени врз основа на околу 500 детектирани и објавени дезинформации од „Вистиномер“, „КриТинк“ и од редовната работа на медиумите МЕТА и Порталб, кои, исто така, се издаваат од „Метаморфозис“.

Во однос на процентите на што се однесувале дезинформациите поврзани со теориите на заговор, води наративот дека Пандемијата е вештачки вирус пуштен во државата со 9 отсто од примерокот, потоа дека е дело на нов светски поредок, на масоните, на антиглобалистите, со 6 проценти, високи 5 проценти се однесуваат на наративот дека болеста не постои или дека е замешателство на Бил Гејтс, 4 проценти се однесуваат на објаснување дека пандемијата се должи на развојот на 5Г-мрежата, итн.

Три извори и носители на дезинформации

Практиката потврдува дека потеклото на дезинформациите е домашно или странско/глобално. Многу важно при анализирање на изворите и платформите на дезинформации е да се направи детекција на влијанието на три чинители: a) политичките партии; б) капацитетот на самите медиуми (кои со ваквиот модел на бизнис-функционирање често се ранливи и намерни или ненамерни ширачи на дезинформации поради немањето капацитети за вработување новинари со професионални стандарди, потоа поради прекумерната употреба на „копи-пејст“ новинарството и посегнувњето по сензационализам како начин за афирмација, т.е. „клик-бејт“ новинарство...); в) профили на социјалните мрежи (каде што, исто така, може да се диференцираат дезинформации ширени од незнаење и непроверување или, пак, намерно ширени дезинформации и лажни вести со строго таргетирани цели и ефекти).

Во РСМ, за време на пандемијата 2020/2021 сите три извори на дезинформации или лажни вести беа и се во игра, со тоа што, на ниво на впечаток од практиката, може да се каже дека традиционалните или медиумите што работат на регулираниот пазар (радиодифузните медиуми), беа и се мал извор или носач на дезинформациите од брзина и незнаење, но не и кога беа платформи за дезинформациите чиешто потекло се политичките партии. Тоа најмногу може да се забележи преку спинуваното известување во полза на само една партија, најчесто најголемата опозициска, но и при спинување за успешноста на власта во борбата со пандемијата.

На второ место се онлајн медиумите, при што и таму има разлика меѓу попрофесионалните (со редакции и импресум) и оние „дивите“ – човек-портал.

Кај онлајн медиумите, како што е веќе нагласено, главниот проблем се капацитетите и сензационализмот, а тоа е потврдено и со статистиката на анализирани жалби пристигнати до Советот на етика на медиумите во Македонија (СЕММ), за периодот март 2020 – февруари 2021 г.

Конечно, кај социјалните мрежи, коишто станаа главен извор и преносител на дезинформациите, главниот проблем е моќта произлезена од нивната големина и глобална поврзаност и од балансираниот пристап на почитување на слободата на говорот со активните мерки што ги преземаат самите компании во поглед на одбележување или отстранување на објавите. Познато е каква полемика се поведе околу тоа особено кога на Доналд Трамп му беа изречени мерки за забрана на користење на официјалниот и на личниот профил по завршување на мандатот, а познато е и со каков говор на омраза се среќаваат вработените во Метаморфозис, на пример, во една кампања која трае веќе 8 месеци, при што заканите за насилство, вклучувајќи и повици за линч или убиства не се реткост. И згора на сè, дури и со вакви мерки на борба против дезинформациите на социјалните мрежи, се чини дека ефектите не се големи, иако се видливи во однос на намалување на споделувањата.

Активна и полуактивна транспарентност?

Прашањето како да се борите со дезинформациите, како што може да се види и во првиот дел од овој текст, е глобално, а не само локално. Иако Владата нескромно сака да се пофали дека уште од поодамна има План за борба против дезинформациите, како и Протокол за кризен менаџмент, чијшто основен и најважен чинител е т.н. активна транспарентност, во практиката не секогаш вака функционираат работите, иако, несомнено, дел од активностите беа корисни и помогнаа да се намали ширењето на дезинформациите и на лажните вести.

Но, што кога транспарентноста е полуактивна или кога самата власт како имател на информации е причинител за некоја од дезинформациите? Што кога не сакаат да се протолкуваат на вистински начин некои од мерките или при недоследно постапување кон прекршителите на мерките? Како примери само би ги навел недоволно појаснетите или доцна воведените построги мерки на целосно затворање, какви што особено беа оние минатата година за време на големите верски празници на двете најголеми религии во земјава или, пак, недоследното спроведување на мерките, контролата на почитување на полицискиот час, казнувањето – претерано или премало, кадровски слабите инспекциски служби (кои сепак мора да се каже дека беа ревносни – барем Пазарниот инспекторат), итн.

Како еден од покрупните примери кога самата власт е (намерен или ненамерен) предизвикувач на дезинформациите е крајот на минатата и почетокот на оваа година, кога од страна и на премиерот и на министерот за здравство секојдневно се најавуваа, а никако не пристигнуваа најавените количини на вакцините.

По сето собрано искуство и поднаучени лекции, важно е дека борбата против лажните вести и дезинформациите е многу потешка од сите меѓународно преземени и домашно применети или создадени мерки и активности и дека е комплексен процес во којшто не можат да се изборат сами ниту медиумите, ниту институциите, ниту граѓанските организации, најмалку поединците. Уште поважно, процесот е долг, повеќегодишен, во којшто еден од клучните фактори е и општата, но и медиумската писменост. Но, најважно, ако не се тргне веднаш врз основа на стратегиски план, во којшто има и добри мерки и којшто секако треба и да се имплементира доследно, штетите можат да бидат многу поголеми од ова на што сведочиме денес. Станува збор за последици со катаклизмички размери, впрочем како по секоја голема војна кога во арената се силите на светлината наспроти силите на мракот.

Блогот е објавен во рамки на петтото издание на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Monitor.al), Црна Гора (PCNEN), и Грција (Macropolis).

Насловна фотографија: arabmediasociety.com

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот