X
 09.07.2021 Живот

„Ракија, лук и лимон“: Како лажните вести загрозија човечки животи во Албанија

Вистинскиот проблем беа ненаучните и неосновани тврдења кои почнаа да циркулираат на повеќе интернет страници во првите месеци од пандемијата. Можевте лесно да најдете лажни вести за тоа како од КОВИД-19 може да се лекувате и дома, со ракија!

Автор: Нертила Махо, новинар во Албанија


Текстот е оригинално објавен на „Рес Публика“

Во време кога светските фармацевтски гиганти беа во меѓусебен натпревар и во трка со времето со цел изнаоѓање вакцина против КОВИД-19, во градот Лежа во северна Албанија две лица продаваа дози на „магичен лек“ кој не беше ништо друго освен обична мешавина од хидрохлорна киселина и вода и кој се продаваше по цена од 20 илјади леки (160 евра). Голем број на луѓе беа жртви на оваа измама а полицијата ги уапси лицата Ф. Фроку (57) и Х . Фроку (30) во јули 2020 година откако тие објавија на Фејсбук дека откриле лек против КОВИД-19.

Очајот или стравот од загуба на саканата личност поради КОВИД-19 натера некои луѓе да поверуваат во тоа дека навистина постојат магични лекови. Социјалните мрежи беа плодна почва за недокажани тврдења, изразени од луѓе без никакво искуство или образование во медицината. Тешко е да се контролираат содржините на социјалните мрежи, така што останува на граѓаните сами да ги истражат и филтрираат точните информации, и да ги разграничат од лажните вести. Социјалните мрежи не се единствен пример за место каде што имаше предозираност со лажни информации. „Кликбејт“ манијата беше присутна и на медиумите кои уживаат добра репутација.

Интернет страници преполни со лажни вести

Албанија ги потврди првите два случаи на КОВИД-19 на 9 март 2021 година, но паниката во врска со вирусот се случи многу пред тоа. Иако работите не беа јасни на глобално ниво а не беа ниту воспоставени протоколи за лекување, на медиумите се појавија безброј текстови за тоа како да се лекува овој вирус. Витаминот Ц беше потенциран како елемент кој го поттикнува имунитетот, но во јавноста ова беше толкувано како спасение за КОВИД-19. Каскадниот ефект од ова беше зголемување на цената на овошјето, како што се портокали, лимони или мандарини, а во големите маркети сите количества на ова овошје се потрошија за миг. Во овој случај не беше загрозени ничие здравје, освен „здравјето“ на џебовите на граѓаните кои лутаа во празни продавници и аптеки во потрага во витамин Ц.


Нертила Махо

Вистинскиот проблем беа ненаучните и неосновани тврдења кои почнаа да циркулираат на повеќето интернет страници во првите месеци од пандемијата. Можевте лесно да најдете лажни вести за тоа како од КОВИД-19 може да се лекувате и дома, со ракија! Беше цитиран и лекар на интернет кој велеше дека, ако го масирате телото со два алкохолни пијалаци, ефектите од коронавирусот ќе бидат помалку агресивни. Одеднаш, ловорот, лимонот и лукот беа препознаени како чудотворни производи кои го лекуваат опасниот вирус.

Објавени една по друга со цел да привлечат што е можно повеќе кликови, лажните вести ја поткопуваат работата на јавните здравствени институции кога станува збор за свеста кај поединците да одржуваат дистанца и да се заштитат себеси од вирусот, наместо да создаваат претстава дека лекот е буквално насекаде околу нас.

Лажните вести го зголемија бројот на скептици

Во медиумите можевте да прочитате стотици наслови за теоријата дека КОВИД-19 е создаден со цел да истреби одредени групи во општеството, да го зголеми профитот на фармацевтските компании или да ги натера луѓето да се вакцинираат со цел населението да се „чипира“.

Името на Бил Гејтс беше честопати споменувано во овие теории, со тврдење дека сака да го контролира светот. Теориите на заговор, кои се појавија дури и во националните медиуми, го зголемија бројот на скептици во врска со вакцинацијата. Според една студија спроведена од советодавната група „Balkans in Europe“ државата која има најголем број на поддржувачи на теориите на заговор во земјите од Западен Балкан е токму Албанија. Според истата студија, голем е бројот на луѓе кои се против вакцинирање, и тоа не само во Албанија туку и во сите земји од Западен Балкан.

Збунувачките информации во врска со лековите ја зголемија продажбата на црниот пазар

Пред да биде одобрена вакцината, протоколите за лекување во некои земји со состоеја од антивирусни лекарства за борба против КОВИД-19. Фавипиравирот беше првиот лек кој се користеше против вирусот во Вухан а потоа и во Италија, Јапонија, Русија и Турција. Некои од овие земји го понудија бесплатно, во рамките на лекувањето од КОВИД-19 во болниците.

Еден друг лек беше Ремдесивирот кој се користи интравенозно. Откако прочитаа информации за овие лекови, и тоа дека се покажуваат како успешна терапија во САД и во Европа, луѓето почнаа да ги купуваат на црниот пазар. Неформално, можевте да го купите за цена од 350 до 500 евра.

Тоа беше делот од населението кое се плашеше да оди во јавните болници, во паника дека болните се оставени без соодветна медицинска нега. Довербата во овие лекови беше дополнително зајакната со фактот дека Министерството за здравство изјави дека ќе го воведе Ремдесивирот како терапија во јавните болници.

Оние кои не можеа да си го дозволат, почнаа да купуваат и да користат едноставни антибиотици (на пример, азитромицин), дури и тогаш кога немаше потреба. Нема ништо лошо во тоа да се обидуваш да си го спасиш животот, но збунувачките информации кои потекнуваа од различни извори ги натераа луѓето со благи симптоми на вирусот да почнат да користат различни лекови, без да се консултираат со лекар. Инаку, лекарите во Албанија кои работат во странство потенцираа во медиумите дека не е потребно КОВИД-19 да се лекува со тешки антибиотици и дека има и други начини на лекување, зависно од ситуацијата.

Дали и Владата беше дел од лажните вести?

Начинот на кој се постапуваше со пандемијата ја подели јавноста. Владата сметаше дека била успешна а премиерот ова го потенцираше многу пати. Но, дали овој успех е реален? Прво, мораме да кажеме дека, во времето кога државата беше во карантин (од март до мај 2020 година), Албанија имаше загуба во речиси секој сектор од економијата. Така што, кога во месеците септември-ноември зеде замав следниот бран од пандемијата, Владата одлучи да не ја жртвува економијата и таа да биде отворена, со одредени ограничувања. Секако дека она што се жртвуваше беа човековите животи. Официјално, Албанија денес (09 јули, 2021 година) има вкупно 2456 смртни случаи од КОВИД-19 од почетокот на пандемијата. Но, дали е ова реалниот број на смртни случаи?

Во извештајот објавен од Healthdata.org, Албанија е четврта земја во светот според бројот на смртни случаи од КОВИД-19, сметано по бројноста на населението, веднаш зад Азербејџан, Босна и Херцеговина и Бугарија.

Според Државниот завод за статистика, во периодот од април 2020 до март 2021 година, Албанија имала околу 9.300 дополнителни смртни случаи во споредба со истиот период од претходната година, кога вирусот не постоеше. Во овој период починале вкупно околу 31.000 лица, во споредба со речиси 22.000 во периодот април 2019 – март 2020, што е зголемување од повеќе од 42.7%. Ова упатува на тоа дека Владата не е целосно искрена кога станува збор за смртноста од вирусот која официјално ја соопштува Министерството за здравство.

Владата не беше целосно транспарентна и околу тестовите за КОВИД-19. Премиерот изјави на 18 март дека тестовите кои се прават во Албанија се во поголем број во споредба со сите други земји во регионот, но медиумите го открија токму спротивното, споредувајќи ги официјалните податоци на некои држави, со што се покажа дека изјавата на Рама била лажна.

На медиумите им е потребна вакцина за вистината

Медиумите си имаат свои гревови, кога станува збор за тоа како известуваа за пандемијата. Повеќето од нив ги здружија силите на самиот почеток и започнаа да известуваат и да ја советуваат јавноста со цел да се подигне свеста за ризикот од вирусот и за мерките за заштита. Но, од друга страна, тие не успеаја да ја избегнат манијата за „кликбејт“. Една анализа во која е опфатен начинот на известување во медиумите за време на коронавирусот, спроведена од двајца добро познати академици, укажа дека албанските медиуми направија чекор назад кога станува збор за професионални стандарди во медиумското известување.

Во основа, медиумското известување за КОВИД-19 ставаше акцент само на официјалните изјави на институциите. Не беше направено потемелно истражување за да се потврди дали тие изјави и бројки во врска со пандемијата кои се соопштуваат од Владата и од државните институции се вистинити или не. Не беа направени посериозни истражувања а теренот беше идеален токму за ваков вид на истражувачко новинарство.

Во медиумите исто така немаше балансирано известување и диверзитет на извори, во смисла на давање простор на независни гласови наспроти официјалните државни претставници. Акцентот кој беше ставен на ширењето на вирусот и на здравствената ситуација го стави во втор план акцентот кој можеше да биде ставен на економските и социјални последици предизвикани од карантинот и КОВИД-19.

Онлајн порталите известуваа „шаблонски“ а присуството на стручни лица или на технички информации повеќе наликуваше на „фаст фуд“ новинарство отколку на новинарство од јавен интерес. Пандемијата го отежни и известувањето од терен. Прес- конференциите за медиуми се преместија на социјалните мрежи а присуството на новинарите беше намерно елиминирано, што го оневозможи поставувањето прашања.

Време е за делување

Пандемијата беше тест за општеството, системите, економиите и медиумите во сите нивни сегменти. Ако погледнеме наназад во изминативе повеќе од една година, ќе видиме дека медиумите и понатаму се кревки и дека тие можеа својата задача да ја спроведат на подобар начин.

Што сега?

Откако помина бурата со КОВИД-19, време е да направиме рефлексија на она што се случуваше.

Традиционалните медиуми треба да делуваат и да научат од своите грешки. Ова треба да биде суштина на нивната мисија и на прво место да го стават јавниот интерес. Тоа мора да биде извор на информации од прва рака кога станува збор за вести и за известување, и со тоа ќе имаат и клучна улога во јавното образование. Ова ќе има верижен ефект кој ќе овозможи публиката да биде повнимателна во она што верува и да разликува вистинити од лажни информации и вести.

Од друга страна, Владата треба да извлече поука дека, порано или подоцна, сè излегува на виделина. Да се биде искрен понекогаш е подобра алтернатива во справувањето со некоја кризна ситуација отколку истата да се крие. Поголемата отчетност кај граѓаните е многу подобра опција отколку да се остави простор за паника и скепса.

Што се однесува до порталите кои објавуваат вести, време е властите кои се занимаваат со надзор врз медиумите да започнат да обрнуваат поголемо внимание. Единствена цел на повеќето онлајн портали е да остварат повеќе кликови, и тоа преку лажни вести, и поради тоа тие треба да биде одговорни за штетата која ја предизвикуваат.

Социјалните мрежи? Па, тие се тоа што се! Невозможно е да бидат ставени под контрола па затоа треба да се работи на подигнување на свеста за ризиците, во смисла на тоа дека сè што ќе прочитате таму не мора да значи дека е вистина.


Блогот е објавен во рамки на петтото издание на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Албанија (Monitor.al), Црна Гора (PCNEN), и Грција (Macropolis).

Насловна фотографија: www.balkaninsight.com

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот