Јас сум горда мајка на дете со посебни потреби. Тој е неодоливо сладок, разоружувачки интелигентен ексцентрик кој не би бил неверојатно мало момче какво што е денес без својата посебност со која е роден. Не можам да променам ништо кај него, бидејќи никогаш не би бил детето што е денес без тоа што го има, и е совршен, на прекрасно човечки и несовршен начин.
Но исто така сум и горда мајка на две телесно самостојни деца (или каква и да е општоприфатената дефиниција што се користи кога сакаме да категоризираме нечија состојба). Едното е сериозно и паметно, подготвено да дава несекојдневна љубов и со уште понеобична способност за опстанување со малку сон. Другото потскокнува и танцува низ животот, успевајќи да жонглира со лекомисленоста со проникливo и чувствено разбирање за емоционалната човекова сложеност, и случајно да ја има најдлабоката суштина од сите што некогаш ќе ги запознам. Овие две се неопеаните херои, заборавените братчиња и сестричиња во светот со посебни потреби.
Тоа се оние што жртвувале сѐ, но ретко кој им ракоплескал за тоа. Тоа се оние што научиле да се облекуваат и да се поддржуваат пред природата да ги подготви за созревање, оние што доброволно своите потреби ги ставиле настрана за да може непречено да се управува со кризата, оние што не забораваат тивко да плачат во ноќта за да не ги вознемируваат своите изморени родители. Тоа се оние што мораа да се збогуваат со својата мајка кога мораше да остане во болница и да се вратат во осамениот дом без да знаат кога повторно ќе уживаат со своето семејство на куп. Тоа се оние што го одржуваат своето расположение за волјата на братчето или сестра си, за нешто што ќе им донесе радост на лицата, притоа задржувајќи ја својата тага во себе.
Тоа се оние што го издржуваат потсмевањето на другите деца и кои во молк ги слушаат другарчињата за одморите кои самите никогаш не ги доживеале. Тоа се оние што се најгласни фанови на своите братчиња и сестричиња кои стигнале последни на спортските трки и кои нема да престанат во обидот да извлечат скриена насмевка кај несреќното дете. Тоа се оние што целиот живот учат преку тага и неправда и кои истовремено стануваат ученици и советодавци. Тоа се оние што ги уверуваат возрасните дека се чувствуваат добро, знаејќи дека товарот на нивните родители е доволно тежок.
Овие деца се извонредни, овие деца треба да ги славиме и да им ракоплескаме со иста гласност како и на нивните братчиња и сестричиња со посебни потреби. Ова е моето семејство, моите три скапоцени единки кои ги прифатија предизвиците што оваа посебна ситуација ни ги постави на патот, и сите три се неповторлии, сите се ХЕРОИ!
Колумна објавена на блогот
Just bring the chocolate.