X
 30.10.2020 Живот

Рес публика и ИКС најавуваат конкурс за најдобар блог – „Имаш ли (по)добра идеја?“

Рес публика и Институтот за комуникациски студии (ИКС) го најавуваат конкурсот за најдобар блог „Имаш ли (по)добра идеја?“ Конкурсот се организира во рамките на проектот „Поврзи ги точките: подобрени политики преку граѓанско учество“, финансиран од Владата на Обединетото Кралство, со поддршка на британската амбасада во Скопје.

Кој може да учествува

Конкурсот е отворен за сите граѓани на Македонија што имаат најмалку 18 години на денот на поднесувањето на блогот. Вработените во Институтот за комуникациски студии, вклучувајќи ги и членовите на нивните семејства, се исклучени од учество на овој конкурс.

Тема на конкурсот

Блоговите треба на оригинален начин да ги пренесат идеите, аргументите и барањата на авторите за промена на општеството во кое живеат. Авторите треба да прикажат примери од проблеми во општеството за кои мислат дека е неопходна интервенција од институциите и граѓаните, и да ги изнесат своите мислења и аргументи за надминување на овој проблем. Текстовите треба јасно да посочат како тој проблем се рефлектира врз квалитетот на животот на граѓаните, кои се причините што доведуваат до него и каде го гледаат решението.

Како да учествуваш

- Поднеси го твојот блог (најмногу до 1.400 зборови) на македонски јазик на bojang@iks.edu.mk најдоцна до 4 ноември (среда), 2020 година со назнака „За КОНКУРС за најдобар блог“. Мејлот треба да го содржи текстот во ворд-формат, кратка биографија и фотографија од авторот. Анонимни поднесоци нема да бидат разгледувани.
-Секој поединечен учесник може да поднесе најмногу еден текст.
-Текстовите мора да се оригинално изработени само за целите на овој конкурс. Веќе објавени (или прифатени за објава) текстови на друг медиум ќе бидат дисквалификувани.
-Блоговите не смее да содржат говор на омраза, насилни и навредливи содржини.

Насоки за пишување

Авторите треба да ги следат насоките на Рес публика за изработка на блогови, достапни на следниот ЛИНК.

Селекција

Селекцијата на најдобритe блогови ќе ја врши комисија составена од членовите на уредничкиот тим на Рес публика, и претставници на ИКС.

Критериуми за селекција

-Јасност на изнесените аргументи и идеи. Блоговите треба да бидат напишани на начин кој ќе биде разбирлив и за неакадемската публика.
Релевантност на идентификуваниот проблем и предложените решенија. Текстот треба да има јасна поврзаност со одредена политика, одлука или дебата во која се покренуваат прашања од јавен интерес кои директно ги засегаат граѓаните.
-Добро користење на докази. Текстот треба да биде заснован на докази поткрепени со објавени истражувања на други автори, институции или организации.
-Оригиналност. Предност ќе имаат текстовите со оригинална идеја.

Резултати

Победниците ќе бидат директно контактирани. Одлуката на комисијата е конечна.

Награди

Победникот на конкурсот ќе биде поканет да учествува на меѓународна конференција во Брисел, на тема европска политика и бизнис, со платени трошоци за пат, дневни трошоци и трошоци за сместување (утврдени според политиките на Институтот за комуникациски студии). Победникот е должен да обезбеди патничко осигурување.

Награда за второ и трето место: Вредносен ваучер од Академска книга во износ од 4.000 денари.

Првите пет рангирани блогови ќе бидат објавени на Рес публика и споделени со партнерските медиуми и организации.

Текстовите не смее да се реобјавуваат на други медиуми без претходна согласност од ИКС и јасно наведување дека се работи за содржина првично објавена на Рес публика.

НАПОМЕНА: ИКС го задржува правото да го смени терминот или начинот на учество на меѓународната конференција и не одговара за одлуките на организаторот на настанот во случај на непредвидени околности предизвикани од КОВИД-19.

Контакт

Бојан Георгиевски, програмски менаџер, bojang@iks.edu.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот