Во последниве години Фарските Острови, за кои се вели дека имаат повеќе овци отколку луѓе, паднале во слична замка како и не толку далечниот Исланд: туѓиот свет на изолираниот архипелаг од 18 вулкански острови привлекува повеќе туристи отколку што може да поднесе. Тоа не се милиони, но минатогодишните 130.000 странски туристи се двојно повеќе од 54.000 жители таму.
Слично како и во Венеција и Амстердам, Фарските Острови ќе почнат да собираат специјален данок од туристите од следната година, при што приходите ќе одат во Фондот за зачувување на природата за одржување пешачки патеки и други локални еколошки иницијативи. Но, тоа не е сè, бидејќи регионалната влада презела уште еден, многу поневообичаен потег: ќе ги вклучи туристите во одржувањето на чувствителната островска средина и изградбата на поодржлива инфраструктура.
Имено, секоја пролет има програма наречена „Затворено за одржување, отворено за волонтирање“. На англиски има интересна игра на зборови „Затворено заради одржување, отворено за волонтуризам“, па волонтерите се преименувани и во „волонтуристи“. Процесот се состои од затворање на најпопуларните локалитети неколку дена, кога секоја посета е невозможна. Меѓутоа, тогаш истите овие локалитети се отворени за волонтери кои сакаат да работат. Во замена за бесплатно сместување и храна во релативно скромни, но функционални простории, неколку десетици меѓународни волонтери биле поканети да учествуваат во различни инфраструктурни проекти на островите, вклучително и изградба на патеки, поставување знаци на пешачки патеки и патишта за да се зголеми безбедноста на посетителите и локалните жители.
Откако програмата била лансирана во 2019 година, во неа учествувале точно 409 волонтери од 40 земји, кои завршиле околу педесет проекти на десет острови. Сепак, не е лесно да се влезе во „играта“: за тие 409 места во последните пет години пристигнале 23.800 апликации, што значи дека биле примени само 1,7 отсто од апликантите. Или, како што некој пресметал, потешко е да се влезе во оваа програма отколку да се влезе на „Харвард“.
Годинава во јануари пристигнале речиси шест илјади апликации од 96 земји за 80 достапни позиции во мај. Приближно 70 отсто од нив се избрани по случаен избор, по пат на лотарија, а преостанатите позиции се пополнети според искуствата на пријавените кандидати, кои одговараат на потребите на планираните проекти.
Во принцип, треба да имате над 18 години, не треба да имате некои посебни вештини освен способноста да одите по диви терени и да користите алатки како чекани, лопати... Откако ќе бидат известени дека се примени, волонтерите имаат 48 часа да купат авионски билети кои сами си ги плаќаат. Не постои рецепт како да се прифатат, но податоците покажуваат дека помагаат повеќекратните апликации и претходна посета на островите.
Извор: tportal.hr
Фото: Freepik