X
 07.08.2018 Живот

Колку треба да трае годишниот одмор?

Кога го планирате одморот, една од главните работи за кои треба да размислувате е колку долго ќе трае. Дали одите на продолжен викенд, ќе земете цела недела или можеби подолго? Иако би можеле засекогаш да бидеме на одмор, сепак, постои точно одреден број на денови што е идеален за максимално опуштање.

Според научните истражувања објавени во списанието „Џурнал оф хапинес студиес“, постои совршено времетраење на одморот кое има позитивно влијание врз вашето здравје. Истражувачите од Универзитетот „Радбуд“ во Холандија истражувале какво влијание врз здравјето има должината на годишниот одмор.

Фото: Pixabay

Колку дена одмор се доволни? Одговорот е: повеќе од осум дена.

Во истражувањето учествувале 54 лица што биле на просечна возраст од 42,5 години и сите биле вработени. Истражувањето било сконцентрирано на должината на годишниот одмор - од 15 до 34 дена, односно во просек 23 дена. Научниците ги проучувале психолошките процеси поврзани со толку долгото отсуство од работното место и какво влијание имало тоа врз нивното здравје во текот и по одморот.

Биле следени шест фактори: здравствената состојба, заморот, задоволството, расположението, напнатоста и нивото на енергија. На крајот било утврдено дека здравјето и благосостојбата забрзано се подобриле за време на одморот - а врвот бил достигнат на осмиот ден. Меѓутоа, во рок од една недела по враќањето на работа здравствените придобивки се вратиле на почетното ниво.

Значи, ако сакате максимално да го искористите својот годишен одмор и да се чувствувате навистина одморени и свежи, обидете се да се одморате подолго од осум дена и да го исполните своето време со искуства кои ќе ве опуштат за да го подобрите вашето здравје.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот