X
 17.08.2019 Наша тема

Искуството нѐ прави посилни. Ова се учениците што освоија медали на светските олимпијади по хемија

Статистиката покажала дека 90 отсто од медалистите на „Менделеев“ освојуваат и медали на IChO. Тоа го потврдува и Стефан Дамчевски од Демир Хисар, матурант во приватната гимназија „Јахја Кемал“ од Струга, кој освои бронзи на двата натпревара

Секое ново искуство на светска научна олимпијада ги подобрува резултатите на наредните учесници. Ова е само дел од искуството на средношколците што ја претставуваат Македонија на Меѓународната олимпијада по хемија позната како IChO. Предводени од менторите од Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), најголем дел од нив кадар на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, тие почнаа редовно да се враќаат со медали од светските натпревари. На Институтот за хемија беа претставени резултатите што нашиот тим годинава ги постигна на двата најголеми натпревара по хемија - 53. Меѓународна олимпијада по хемија „Менделеев“ што се одржа во Санкт Петербург и 51. Меѓународна олимпијада по хемија што се одржа во Париз.

Претседателот на СХТМ, проф. д-р Зоран Здравковски, ги поздрави присутните

Претседателот на СХТМ, проф. д-р Зоран Здравковски, ги поздрави присутните и рече дека ова е посебна година за хемијата бидејќи целиот свет одбележува 150 години од Периодниот систем на елементите и му оддава почит на Дмитриј Менделеев.

Доц. д-р Миха Буклески, еден од менторите на учениците, преку интересна презентација прикажа како поминавме на двата натпревара. Првиот е најстар и најпрестижен натпревар кој е одлична подготовка за вториот натпревар. Статистиката покажала дека 90 отсто од медалистите на „Менделеев“ освојуваат и медали на IChO. Тоа го потврдува и Стефан Дамчевски од Демир Хисар, матурант во приватната гимназија „Јахја Кемал“ од Струга, кој освои бронзи на двата натпревара. На натпреварот во Париз му се придружи и Стефан Стојковиќ, матурант од скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“, кој исто така освои бронзен медал. На натпреварите учествуваа и Руфија Идризовска од „Јахја Кемал“ од Гостивар, Михаил Трајков од школото „Димитрија Чуповски“ од Велес и Александар Трајковски, средношколец во „Крсте П. Мисирков“ во Демир Хисар. Тие не освоија медали, но секој оствари добар пласман. Покрај Буклески, менторка на олимпијадата во Париз беше и проф. д-р Наташа Ристовска од Институтот за хемија, но во подготовките учествуваа уште девет професори. Тие со учениците одржаа 332 часа, а сите ангажмани им се ентузијастички.

Доц. д-р Миха Буклески (централно) ги презентира резултатите

Буклески спомена дека учениците на IchO покажале одлични постигнувања во делот по органска хемија и постигнале совршени резултати во трите експериментални проблеми.
Интересно е што на олимпијадата предавање одржал светски познатиот хемичар Жан Пјер Соваж, кој доби Нобелова награда за хемија во 2016 година, а натпреварувачите добиле задача токму од областа што тој ја истражува.
- Нашите ученици одлично се снајдоа со задачата – рече Буклески.

Присутни беа сите ученици што учествуваа на натпреварите, заедно со Антонио Андоновски, кој лани освои бронза на IchO. Тој сега ќе биде втора година на Институтот за хемија. Веќе во февруари ја „исчистил“ прва со просек 10.

(Од лево кон десно) Наташа Ристовска и Миха Буклески со Стефан Дамчевски, Руфија Идризовска, Александар Трајковски, Стефан Стојковиќ и Михаил Трајков

Руфија Идризовска е идниот бруцош на Институтот за хемија при ПМФ, ќе студира аналитичка биохемија. Годинава првпат учествуваше на меѓународна олимпијада.
- Искуството е поразлично од она што со месеци го поминувавме на подготовките. Имаше слични работи и добро е чувството кога ќе видиш нешто што си го поминал и знаеш како да го решиш. Од друга страна, тоа што го учеле учениците од другите земји на понапредно ниво за нас беше извесна тешкотија. Но, генерално мислам дека добро се снајдовме. Во однос на знаењата, во споредба со балканските земји сме тука некаде, за разлика од Запад или Америка. Таму има понапредно ниво и условите за работа веројатно си го прават своето – вели Руфија.



Михаил Трајков од Велес е најмладиот од сите ученици-олимпијци по хемија. За две недели почнува трета година. Михаил учествуваше на Олимпијадата „Менделеев“. Вели дека хемијата ја сака уште од основно, но уште пред да почне да го учи предметот имал афинитет кон приодни науки.
- Веќе во 8. одделение беше јасно дека хемија е тоа што многу ме интересира. Во оваа насока ќе продолжам. „Менделеев“ беше добро искуство. Задачите и проблемите што се решаваат се малку потешки од тоа што досега сум го решавал, но генерално е добро искуство и за понатаму - вели Михаил.

Мадалистот Стефан Стојковиќ сè уште е во дилема каде да продолжи, но најверојатно ќе се реши за ПМФ, на Институтот за хемија.
- Дефинитивно ќе гледам да ги проширам моите вештини подоцна во странство. Лани исто така учествував на олимпијада и искуството значително мотивира, но додава и искуство и знаење. Годинава бев спремен, знаев што да очекувам – толпа луѓе од други држави, различни култури. Но и сфаќам дека се подготвуваат на различен начин во другите земји, дека тоа е едноставно начин на живеење во некои држави, не само за хемијата, туку и за голем дел од животот. Свесен сум дека кај нас подготовките, поради финансии и разни други причини, се малку поотежнати, но тоа е реалноста - вели Стефан.



Стефан Дамчевски од Демир Хисар, кој матурира во „Јахја Кемал“ во Струга, е двојниот медалист од нашите тимови. Тој утре заминува за Соединетите Американски Држави – ќе студира на Универзитетот МИТ во Масачусетс како целосен стипендист на оваа институција.

- Аплицирав на хемиско инженерство, но МИТ ме прими на цел универзитет и сега можам да избирам на која струка ќе продолжам. Треба да одлучам на крајот од првата година, сигурно ќе биде некоја област од хемија – дали хемиско или биохемиско инженерство, треба да истражам да видам каде точно ќе се насочам – вели Дамчевски.

Рускиот амбасадор Сергеј Баздникин (лево) и деканот на ПМФ, Ицко Ѓоргоски

Александар Трајковски од Демир Хисар ќе биде четврта година. Првпат учествува на олимпијада. На прашањето какво било искуството, тој одговара:
- Стресно. Да имав претходно искуство, и резултатот ќе беше подобар, се разбира. Ова искуство секако ќе придонесе за идната година – вели тој.
Сепак, хемијата нема да биде негов фокус понатаму во животот. Вели дека повеќе го интересира физика. Би сакал да продолжи некаде во Европа, Англија можеби.

СХТМ им подели благодарници на сите што на свој начин ги поддржуваат во подготовките на олимпијадите. Од Министерството за образование и наука во последен момент го откажале своето присуство.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема