X
 17.08.2021 Технологија

Наскоро автомобилите ќе ги контролираме преку нашите гугл-профили

Бројни иновации што го освојуваат светот ни кажуваат дека иднината веќе пристигна. Најновата иновација ги поврзува „Гугл“ и автомобилите.

Имено, благодарение на новата гугл-апликација, сопствениците ќе можат да го заклучат својот автомобил од далечина. Се разбира, ако автомобилот е опремен со софтверот „Андроид аутомотив“.

Ако сте слушнале за „Андроид ауто“, тогаш треба да знаете дека „Андорид аутомотив“ е нешто различно, иако имаат слични имиња. Првата е популарна апликација што ви овозможува да ги користите можностите на паметните телефони на екраните на автомобилите, додека „Андроид аутомотив“ е комплетен софтвер за автомобили. Овој софтвер штотуку почна да се користи во некои автомобили.

Во изворниот код за „Андроид аутомотив“, „Гугл“ вметна интересни карактеристики што ги откриле ИТ-експертите кои го анализираат софтверот на овој технолошки гигант.

1
Ted Kritsonis / Android Central

Се чини дека сопствениците на нови автомобили со „Андроид аутомотив“ наскоро ќе можат далечински да ја преземат контролата врз своето возило. Се верува дека оваа функција може да помогне да се намали бројот на кражби на автомобили.

Многу сопственици на паметни телефони го знаат ова со години, не само со системот на „Гугл“. Во случај вашиот телефон да е украден или изгубен, може да му пристапите од далечина. На тој начин може да го блокирате уредот, па дури и да ја избришете содржината на меморијата. Слично треба да биде и со автомобилите.

Моделите опремени со „Андроид аутомотив“ воопшто не бараат присуство на паметен телефон за да ја користат гугл-функцијата, иако благодарение на соработката на двата уреда, тоа е многу полесно.

Во иднина, автомобилот, како и вашиот телефон, ќе биде поврзан со вашата сметка на „Гугл“, до која може да се пристапи преку „Џимејл“.

Со автомобилите ќе управуваме со помош на гугл-профилот

Постојат нови функции во изворниот код на апликацијата „Фајнд мај девајс“ што е дел од „Андорид“. Тука ќе има место за профил на автомобилот, а неговото создавање ќе ви овозможи да избришете податоци и да блокирате разни функции. „Гугл“ сака ова да биде можно дури и кога автомобилот не е поврзан на интернет, но не открива како ќе спроведе таква функционалност.

Засега станува збор за експериментални функции, што не е изненадувачки поради ограничената достапност на пазарот на модели на автомобили со „Андроид“.

Сепак, „Гугл“ е доста ефикасен и агресивен во популаризацијата на своите технолоши решенија. „Андроид ауто“ сега може да се најде речиси во секое ново возило.

Сите индикации се дека наскоро ќе биде исто и со „Андроид аутомотив“, кој може да го освои пазарот на автомобилскиот софтвер за неколку години. Тогаш автомобилот ќе стане уште еден уред поврзан со нашиот гугл-профил.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија