Инженерот што го создал копчето „лајк“ на „Фејсбук“ ја избришал својата апликација од мобилниот телефон.
Џастин Розенштајн во 2007 година создал една од најпопуларните функции на „Фејсбук“ - тој сега стравува од последиците што неговиот изум би можел да ги има врз луѓето во светот.
34-годишниот инженер е толку загрижен, што ја избришал мобилната апликација на „Фејсбук“, а ги избришал и своите профили на „Редит“ и „Снепчет“ и си го ограничил времето што дневно го поминува на „Фејсбук“.
Розенштајн неодамна го купил и новиот ајфон и ја активирал функцијата која забранува преземање на сите апликации.
Лајковите на „Фејсбук“ ги нарекува „светли одблесоци на псевдозадоволството“. „Многу често се случува човек да развие нешто со најдобра намера, а неговиот изум непланирано да добие негативни последици. Корисниците стануваат зависни од лајковите, кои влијаат врз нивното ментално здравје, иако не се свесни за тоа“, вели тој.
Истражување од 2016 година открива дека колку повеќе време младите поминуваат на
социјалните мрежи, толку е поголема веројатноста да бидат депресивни. Од тестираните, луѓето што ги проверувале нивните апликации редовно имале за 2,7 пати повисока шанса да развијат депресија од оние што ги проверувале поретко.
„Инстаграм“ се покажала како апликација со најлош ефект врз менталното здравје на младите луѓе, велат други истражувања.