Вчера во Битола пристигна специјалниот гостин на 40. ИФФК „Браќа Манаки“, светски познатиот режисер Фатих Акин.
Тој беше пречекан од директорката Гена Теодосиевска. Таа му посака топло добредојде на фестивалот, откако тој од аеродромот во Скопје стигна во Битола. Тој се заблагодари за поканата и рече дека одамна сакал да дојде на „Браќа Манаки“ и дека веќе се чувствува пријатно во Македонија како да е дома.
Фатих Акин е специјален гостин на овогодишното издание на „Браќа Манаки“, каде што денес, во рамките на фестивалската програма ќе се одржи разговор со него и со Рајнер Клаусман, кинематограферот кој работи само со Акин.
Инаку, го нарекуваат германскиот enfant terrible од турско потекло, вечно насмеаниот Фатих Акин освен што е режисер, е и сценарист, продуцент, актер… некои велат и извонреден диџеј.