На 25 декември, на Меѓународен славјански универзитет „Г. Р. Державин“ во Свети Николе почна Новогодишниот фестивал и базар, кој се организира веќе трета година по ред.
Распространет на повеќе од 2.500 квадратни метри, Новогодишниот фестивал и базар се одржува на 25, 26 и 27 декември, секој ден од 17:00 до 21:30 часот.
За секој ден од новогодишниот фестивал е предвидена различна културна програма, која ќе биде интересна за сите возрасни категории.
Во програмата на фестивалот учествуваат студентите од Меѓународниот славјански универзитет, средношколците од СОУ „Кочо Рацин“ - Свети Николе, СОУ „Љупчо Сантов“ - Кочани, САБА - Штип, учениците од основните училишта „Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“ од Свети Николе, како и најмалите од детската градинка „Рахилка Гонева“ - Свети Николе.
Студентите и средношколците од Свети Николе ја подготвија комедијата „Леле, Перо“, додека Градскиот аматерски театар „Сцена ‘71“ од Свети Николе ја изведе комедијата „Бечка школа“.
Во рамките на фестивалот е организиран и изложбен новогодишен базар со
магични дрвени куќички, рачно изработени празнични декорации, книги,
варено вино и традиционални македонски специјалитети.