Фото: Reuters
Овогодишниот сензационален победник на „Евросонг“, Салвадор Собрал, повторно е актуелен во медиумите, но овој пат поради неговата одлука да се повлече од музичката сцена за да му се посвети на здравјето.
Португалскиот пејач ги откажал сите настапи и бил примен во болницата во Санта Круз на интензивна нега, каде што бил сместен поради проблемите со срцето. Португалецот кој ги освои симпатиите на Европа со својата емотивна балада мора да направи трансплантација на срцето. Португалските медиуми пишуваат дека неговиот живот е во опасност и дека пејачот има сè помалку време додека го чека новото срце.
Поддршка му испратија поранешниот евровизиски победник Александар Рибак од Норвешка, украинската пејачка Џамала, победничката од 2016 година, и шпанскиот претставник на овогодишната „Евровизија“, Мануел Наваро, кој е добар пријател со Собрал.
Најдобрите кардиолози се грижат за здравјето на 27-годишниот пејач. Португалските весници пишуваат дека дури и ако се најде компатибилно срце за Салвадор, прашање е дали неговото тело ќе биде доволно силно за да го прифати.
Неговиот последен настап беше во Есторил на 8 септември пред да биде хоспитализиран. Настапот го следеа 3.000 луѓе, а младиот пејач на крајот доста емотивно ја испеа победничката евровизиска песна. На сцената му се придружи и неговата сестра Луиса Собрал.
Салвадор Собрал ѝ ја донесе првата победа на
Португалија на „Евровизија“, со песната „Amar Pelos Dois“.