Љубителите на патувањата што повторно сакаат да летаат може да ја земат предвид Италија како наредна дестинација.
„Фиумичино“ во Рим (познат и како аеродром „Леонардо да Винчи“) е првиот аеродром во светот што доби „Ковид-19 признание“ со 5 ѕвезди од „Скајтракс“, меѓународно тело за рангирање на аеродромите.
Иако „Скајтракс“ е најдобро познат по годишните рангирања на најдобрите аеродроми во светот, глобалната криза со Ковид-19 ја натера организацијата да направи рангирање и за хигиената на аеродромите.
Според соопштението на „Скајтракс“, организацијата го базирала рејтингот на комбинација од процедурални ефикасни проверки, анализа на визуелно набљудување и Еј-ти-пи тестирање.
На 1 септември аеродромот го отвори својот центар за тестирање за Ковид-19, кој е управуван заедно со италијанскиот Црвен крст.
Фото: CNN
Но, не е само тестирањето она што му донело поени на аеродромот - туку и лесното читање на сигнализацијата на повеќе јазици, строгото спроведувањето на носењето маски, видливо присутниот персонал за чистење и ефикасноста благодарение на обединувањето на сите влезни и излезни летови до еден терминал за полесно следење.
Досега „Скајтракс“ ги следи само европските аеродроми.
Покрај рангирањето на овој
аеродром, и други три аеродроми се наградени со по три ѕвезди поради нивното справување со ковид-ситуацијата - Малага-Коста дел Сол во Шпанија, аеродромот на Азурниот Брег на Ница во Франција и лондонскиот Хитроу.
Според системот за рангирање на „Скајтракс“, пет ѕвезди означуваат многу високи стандарди за чистота и процедури за одржување на аеродромот, четири ѕвезди означуваат „добри стандарди“, а три ѕвезди - „просечни стандарди“. Две ѕвезди е најнискиот можен рејтинг и тие означуваат дека аеродромот треба да поработи на протоколите за Ковид-19.
Фото: Skytrax