X
 23.03.2020 Живот

Пет прашања за заштитата од коронавирус со доктор Ненад Лазаров

Носете маска и ракавици, не носете... Пазарете комплетно заштитени, облеката на балкон, чевлите надвор... Илјадници совети може да се најдат на интернет за тоа како треба да се заштитиме од коронавирусот. Доктор Ненад Лазаров, матичен лекар, ни разреши дел од дилемите. Тој вели дека неправилното користење на маската и на ракавиците може да направи поголема беља. Еве зошто:

Д-р Ненад Лазаров/ Фото: Фејсбук

Дали треба да носиме маска и ракавици кога одиме да пазаруваме или да завршиме некоја друга работа?


- Моментален медицински консензус во светот е дека не е потребно носење на ракавици за секојдневно движење, додека останува недефинирана докрај препораката за носење маска. Бидејќи едно мораме да расчистиме на почеток, маската ја носиме за да спречиме понатамошно ширење, доколку ние сме заболени. Значи, маската не ја носиме во ниеден случај за наша лична заштита, освен ако не се работи за посебно дизајнирани маски, со посебни стандарди. Во моментов научната медицинска заедница прифаќа дека 100 проценти заштитува исклучиво FFP3 стандардна маска, ништо друго. Она што може да го советувам е дека во секојдневно движење здрави луѓе немаат потреба ниту од маска ниту од ракавици. Едноставно треба да се редуцира движењето.

Нашите граѓани, сепак, носат маски и ракавици дури и додека возат, одат со спуштена маска под брада и сл. Каков ризик е неправилното користење?

- Тоа е катастрофа. Тоа е само поголем ризик. Мој став е дека маските треба да останат главно за здравствените работници. Ние сега ги  маските чисто како механичка бариера, да не ни се искашла некој во лице додека прегледуваме. Не може да кажам дека е лошо да носат луѓето маски, бидејќи ако така дури и малку се намали трансмисија на вирус од болни на здрави, тоа е добро. Но, ние тука сè уште немаме толку голем број пациенти за да има внатрешна трансмисија, па нема потреба од паника секој да мора да носи маска. Многу поголема беља може да се направи ако неправилно ја користите. Ако ја фатите со прсти однатре, ризикот не сте го намалите, сте го зголемиле. По секое спуштање на маската под нос и брада, таа не смее да се стави повторно на лицето. Апел до сите, ракавиците повеќе штетат. Работници во продавници, по маркети, забораваат и не си ги мијат раце кога носат ракавици, Поарно е секој 15 мин. да си ги мијат рацете. Вчера видов луѓе што пушат со маска и ракавици. Тоа е катастрофа. На инфективно да се прошеташ немаш толкав ризик.

На што да внимаваме кога одиме до продавница, аптека...

- Она што може да го препорачам е да се пазари планирано, да се пазари со список, за намирници за два-три дена. Ништо повеќе. Она што секојдневно ни треба за неколку дена. Тоа е со една цел, да се намали експозицијата, т.е. да се намали потребата од секојдневно пазарење. Кога сте надвор, не чепкајте си го лицето. Е, сега ние не можеме да се бориме со човечката психологија. Научно е докажано дека дневно си го допираме лицето од 1.500 до 4.000 пати, и тоа несвесно. Ако успееме да направиме редукција, има успех. Особено не треба да се допираат очите, носот и лицето.

Што треба да направиме откако ќе стигнеме дома, некои луѓе ги бришат сите продукти?

- Тоа, според мене, до негде е изгубена борба бидејќи е невозможно до толку да се има контрола. Вие може да ги пребришувате, не можам да кажам дека тоа е лоша препорака, но во однос на нашето лично однесување, јас препорачувам со себе да се носи мало количество дезинфициенс за раце. Сосема е доволно пред да влезете дома, пред да ја допрете кваката, да ги дезинфицирате рацете. И, секако, добро да се измиете.

Се покажа дека вирусот може да се внесе дома и преку чевлите. Што да се прави со нив?

- Да, друга препорака е за чевлите. Вирусот може и така да го внесеме дома. Не е лошо да се стави чергичка или пешкир пред врата потопен со дезинфициенс, па да се стапне на нешто такво пред да се влезе дома. Најдобро е чевлите да се надвор од домот. Оние што живеат во стан, треба да го направат ова со пешкирчето. Само 20 секунди е доволно да се постои на ваква подлога. Растворен доместос или варикина може да заврши работа ако не можете да најдете дезинфициенс.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева /milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот