Собранието денеска во рамките на 12. седница ја усвои потребата за донесување на измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование, по скратена постапка. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, даде пауза за да се овозможи работа на Комисијата за образование и наука и на Законодавно-правната комисија за разгледување на законите по скратена постапка. Најави дека дополнително ќе има известување кога ќе се одржи седницата.
Во образложението на законите за основно и за средно образование, министерката за образование и наука Мила Царовска рече дека измените не се од голем обем и сложеност и додаде оти овие законски измени се потребни за безбедно и непречено одвивање на воспитно-образовниот процес во текот на училишната година.
Во услови на вонредни околности учебната година да започне и да заврши во различно време, за што треба да одлучи Владата, предвидуваат измените и дополнувањата на законите за основно и за средно образование. Како вонредни околности, во законите, се наведуваат прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди. Одлуката на Владата може да се однесува на целата територија на републиката или на нејзин дел.
- Се додава и нов став 5, кој уредува дека во услови на вонредни околности бројот на наставните денови во учебната година може да биде помал од 180, но не помалку од 100 наставни дена, за што одлучува Владата. Ставот 6 станува став 9 и се регулира дека воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен во случај на настапување на вонредни околности (прогласена кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), за што одлучува Владата која го уредува начинот на организирање и реализирање на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни дена, според скратени наставни програми, кои на предлог на Бирото, ги утврдува министерот - се наведува, меѓу другото, во образложението на измените на Законот за основно образование.
Фото: Архива
Исто така, се предвидува во услови на вонредни околности училиштата да организираат воннаставни активности за учениците поврзани со нивниот личен, социо-емоционален и психолошки развој. За учеството во овие воннаставни активности во вонредни околности се предвидува наставникот да води само евиденција за присуство на учениците, и не се издава додаток на свидетелство.
Во основното училиште во услови на вонредни околности, кога наставата е организирана преку далечинско учење, може да се организира настава со физичко присуство на учениците доколку се исполнети критериумите и условите согласно здравствените протоколи за соодветниот вид на училиште донесени од Владата согласно закон, епидемиолошката состојба на подрачјето на општината на која се наоѓа училиштето, бројот на учениците во паралелката и просторните и хигиенско-санитарните услови во училиштето, на начин согласно членот 50 од овој закон.
Во средните училишта ќе може да се организира настава со физичко присуство на учениците или преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
Во вакви околности, како што се предвидува, за времетраењето на часот и за максималната бројка на ученици во паралелките во основното и во средното образование ќе одлучува исто така Владата.