Познатиот трофеј на Светското првенство не е само симбол на победата, туку и уметничко дело со интересна историја. Неговиот препознатлив изглед го осмислил италијанскиот вајар Силвио Гацанига, а настанал во почетокот на 70-тите години во една уметничка работилница во Милано. Повеќе од половина век подоцна токму тоа место го чува споменот на создавањето на еден од најпрепознатливите спортски симболи на светот.
Приказната за трофејот на Светското првенство на ФИФА, кој на секои четири години се подигнува пред милијарди луѓе, започнува во 1971 година кога ФИФА распишува конкурс за нов, откако дотогашниот Куп Риме (или трофејот на Жил Риме, наречен по основачот на натпреварувањето и претседател на ФИФА, Жил Риме, кој го носел називот „Победа“), трајно му припадна на Бразил по освоената трета титула светски првак.
На конкурсот пристигнуваат 53 труда од 25 земји, а избран е италијанскиот вајар Силвио Гацанига, кој наместо класичен пехар, осмислува скулптура на движење, емоција и победа.
- Татко ми уште од дете црташе и работеше со рацете, и твореше речиси до 90-тата година, дури и кога рацете почнаа да му се тресат. Инспирација наоѓаше во природата - камењата, школките и сè што го опкружуваше. За него, творењето беше начин на живот - нагласува синот на уметникот, Џорџо Гацанига.
Победата на конкурсот на ФИФА беше пресвртница. Потоа нарачките почнаа да пристигнуваат сами по себе, а Гацанига станува познат како „Господар на пехарите“, изработувајќи трофеи за натпреварувањата на УЕФА и за други спортски сојузи.
Клучниот момент се случи во неговата работилница: наместо само цртеж, тој направил гипсен модел на трофејот, го спакувал во дрвена кутија и го означил со натпис „кршливо“. На комисијата во Цирих на тој начин ѝ покажал како трофејот изгледа во просторот: неговата светлина, сенка и фотогеничност, што било особено важно поради телевизиските преноси.
Таа кутија, како што вели семејството, била првиот „куфер“ на трофејот кој подоцна ќе го обиколи светот. Жирито го препознало дизајнот како впечатлив и функционален, и во 1972 година трофејот бил официјално избран.
Две години подоцна, во Минхен, по победата на Западна Германија над Холандија, Франц Бекенбауер првпат го подигнува новиот трофеј. Тогаш скулптурата на Гацанига станува симбол на светскиот фудбал.
- Магичен момент. Тогаш имав 14 години и заедно со сестра ми му помагавме на татко ми да ја излее гипсената скулптура. Се сеќавам на моментот кога во 1974 година го виде Бекенбауер со трофејот. Тогаш сфати дека тоа веќе не е само предмет што тој го направил, туку нешто што живее свој живот. Не беше опседнат со фудбал, но велеше дека тоа беше моментот кога неговото дело замина во светот, како дете кое си оди од дома. Малкумина денес го паметат неговото име, но цел свет го препознава делото што го остави - додава Ѓорѓо.
Скулптурата е висока 36,8 сантиметри и прикажува две фигури кои го подигнуваат глобусот. За разлика од претходните пехари, Гацанига создал приказ на човечко движење и заедничка победа. Изработена е од 18-каратно злато, шуплива е однатре, тешка шест килограми, со база со дијаметар од 13 сантиметри. Нејзините димензии остануваат непроменети од 1974 година.
По секој Мундијал, оригиналниот трофеј се враќа во работилницата „Бертони“ кај Милано, каде што се чисти и се полира пред да се врати во седиштето на ФИФА во Цирих.
Од 2006 година, поради оштетувања, ФИФА воведува ново правило: оригиналот се подигнува само за време на церемонијата, а потоа се враќа во Швајцарија. На победниците им останува позлатена реплика.
До денес трофејот го подигнаа Марадона, Зидан, Канаваро, Меси...
Во Милано, на улицата „Виа Волта 7“, се наоѓа спомен-плоча на местото каде што пред 55 години настанал еден од најпрепознатливите симболи на светскиот спорт.
- Татко ми не се збогати, но направи нешто многу повредно, создаде симбол што го препознава цел свет. Тоа беше неговата најголема победа. Беше горд што можеше да живее од својата работа и преку неа да се изрази, а токму тоа, повеќе од парите, му го донесе најголемото задоволство - истакнува Џорџо Гацанига.
И можеби токму во тоа е неговата сила: во фактот што еден уметнички момент од миланското ателје стана глобална спортска икона. Трофеј кој и денес се подигнува низ светот, но чие потекло и понатаму се враќа на едно место и на еден човек - Силвио Гацанига.
Извор:
Rts.rs
Фото:
Instagram