Голем дел од жените што се одлучуваат на ваков прекин на бременоста се под сериозен ризик, а никој официјално нема увид во условите каде што се прави
Материјалната необезбеденост и животот без партнер се први на листата со причини поради кои жените се одлучуваат за абортус, забележуваат лекарите на Клиниката за гинекологија и акушерство. Во Македонија лани биле регистрирани 4.236 абортуси, но нивниот број, според гинеколозите, е далеку поголем. Има т.н. „абортус-туризам“, абортирање на црно, па и на своја рака, што е сериозен проблем. Голем дел од жените што се одлучуваат на ваков прекин на бременоста се под сериозен ризик, а никој официјално нема увид во условите каде што се прави. Процените се дека има број на абортуси колку што има и раѓања – околу 20.000.
Нереални бројки
- Бројот на абортуси пријавени во десетте центри за јавно здравство во 2017 година изнесува 4.236, или 19,5 на 100 живородени. Во однос на возрасната структура, од вкупниот број регистрирани абортуси, 142 или 3,3 отсто се кај жени на возраст под 20 години – вели Бојан Јовановски, извршен директор на ХЕРА, Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Според него, во 2017 година е регистриран зголемен број на совети што ги барале граѓаните за планирање на семејството во примарната здравствена заштита. Регистрирани се вкупно 9.377 совети или за 6,6% повеќе во споредба со 2016 година.
На Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), каде што годишно се изведуваат од 300 до 350 абортуси, околу 10 проценти од нив се кај малолетнички.
- Секоја година кај нас абортираат 20-30 малолетнички. Сме имале случаи на прекин на бременост и кај девојчиња од 13 или 14 години. Инаку, во вкупниот број случаи, според разговорите со пациентките, најчеста причина е социјалната индикација, значи дека се материјално необезбедени или не живеат со партнер. Има и абортуси што се поврзани со развојот на плодот – вели д-р Јадранка Георгиевска од оваа клиника.
Бројот на абортуси, според гинеколозите, е далеку поголем од регистрираните.
- Имаме информации од пациенти дека се прават абортуси нелегално, но тоа не можеме да го докажеме. Раскажуваат дека плаќале и по 300 евра. Со оглед на тоа, се сомневаме дека бројката е многу поголема. Јас ги упатувам да пријават на соодветно место – вели д-р Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство.
„Да знае светот како се абортира кај нас, ќе ни ги скинат дипломите“
Д-р Душко Филиповски, претседател на Здружението на приватни гинеколози, вели дека гинеколозите во приватни ординации не ризикуваат.
- Зошто некој би ризикувал да изгуби лиценца и би правел абортус на црно во ординација кога сега е лесно. Склучуваме договор со приватна болница и работиме во болнички услови, без ризик. Сега сите имаме договори со приватни болници, па тоа што некои некогаш го правеле, не верувам дека е практика сега – вели д-р Филиповски.
Тој вели дека бројот на абортуси не е реален зашто некои се пријавуваат под лажна дијагноза.
- Гарантирам дека има абортуси што се пријавени под друга дијагноза, како „мртов ембрион“ или „бременост без видлив плод“. Со тие дијагнози интервенцијата не се плаќа и жените одат на киретажа. Мора да се провери дали за сите вакви интервенции има хистопатолошки наоди, дали е пратен материјалот од киретажата на испитување. Јас гарантирам дека немаат за сите. Знам дека за овие абортуси под рака му се дава надомест на лекарот – вели д-р Филиповски.
Тој раскажува дека многу жени ја прекинуваат бременоста во соседството.
- Одат во Качаник или во Врање. Жена што решила да абортира, никој не може да ја разубеди. Кај нас знаете каков е законот, има три дена советување. Затоа се решаваат за „абортус-туризам“ и не знаеме во какви услови ја прекинуваат бременоста, ниту пак се регистрираат. Сме имале пациентки со компликации по вакви случаи. Процените се дека имаме абортуси колку и раѓања – вели докторот.
Филиповски апелира што поскоро да се воведе медикаментозниот абортус, кој, како што се сомнева, сега се прави на црно или на своја рака. Имено, кај нас прекинот на бременост се изведува со киретажа, гребење на дел од обвивката на матката. Во светот се применува абортус со медикаментозна терапија, која е многу помалку ризична за пациентката.
- Нашиот начин, со киретажа, е најсуровиот што постои. Се дава анестезија, се користи аспиратор, па се гребе по ендометриумот... Може да доведе до сериозни компликации, кои се непотребни. При медикаментозниот прекин на рана бременост се дава терапија и ако има потреба, се прави ендометријална аспирација. Кај нас не е регистрирана таа терапија и има пациентки што сами си ја купуваат во Грција, Бугарија и во Србија. Сами ја прекинуваат бременоста, без надзор од лекар, па кога прекумерно ќе искрвават, многу од нив одат на ревизија. Се сомневам дека има и лекари што им ја даваат. Доколку се воведе оваа метода, како во развиените земји - да се прави во ординации, ќе има и контрола и сè што ќе се случува ќе биде под надзор на лекар. Да знаат во светот како се прекинува бременост кај нас, ќе ни ги скинат дипломите. Срамота е да се каже – дополнува д-р Филиповски.
Инаку, во моментов работна група работи на ревизија на законот во кој се регулирани условите за прекин на бременост. По многуте критики за постојното законско решение, пред неколку месеци беше најавено дека ќе се промени. Од Министерството за здравство изјавија дека покрај другите измени, се бара решение како да се воведе медикаментозниот абортус.