На жените во Иран првпат по 40 години ќе им биде дозволено да присуствуваат на квалификациите за Светското првенство во фудбал, изјави заменик-министерот за спорт Џамшид Тагизадехех.
- На 10 октомври жените ќе можат да дојдат на стадионот „Асади“ на квалификацискиот натпревар против Камбоџа. За тоа се исполнети условите и Иран на тој начин ќе му покаже на светот дека жените не се дискриминирани - посочи Тагизадехех.
Во Иран на жените им е забранет влез на стадионите уште од 1981 година, кратко време по Исламската револуција од 1979 година. Тогаш ултраконзервативните клерици го оправдаа тоа со тврдењето дека жените не смеат да бидат изложени на френетичното навивање на мажите, ниту на нивните „невкусни“ коментари.
Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, неодамна апелираше до Иран да им дозволи на жените присуство на стадионите за време на квалификациите за Светското првенство 2022 година во Катар. Тој на Иранскиот фудбалски сојуз му даде рок до 15 јули да ја укине забраната.
Постои можност ФИФА да го санкционира Иранскиот фудбалски сојуз (ФФИРИ) ако жените и понатаму се исклучени од стадионите. Суспензијата би значела дека Иран нема да може да учествува на Светското првенство во 2022 година.
Минатата година на жените им беше дозволено да присуствуваат на натпреварите за азиското финале од Лигата на шампиони во Иран, но не можеа да го следат меѓународниот пријателски натпревар против Сирија.
Извор: МИА