X
 17.10.2019 Култура

Најопасниот филм на сите времиња: 70 луѓе биле повредени пред камерите

Со децении „Рикање“ („Roar“ од 1981 година) се смета за најопасниот филм на сите времиња. Во снимањето учествувале 150 недресирани лавови и тигри, а се нарекува најопасен поради 70 повредени членови од екипата.



Дејството во филмот следи едно семејство кое оди во Африка да го запознае својот татко кој живее со диви лавови. Режисер и сценарист на филмот е Ноел Маршал, кој глуми и главна улога заедно со Типи Хедрен.

Идејата за снимање ваков филм ја добиле Маршал и неговата сопруга откако во домот во Лос Анџелес донеле лав. Маршал и Хедрен сакале да ѝ го привлечат вниманието на јавноста кон проблемот со загрозеноста на дивите животни, но избрале прилично погрешен начин.



Планирале да снимат шест месеци и да потрошат три милиони долари, но на крајот снимањето траело пет години и биле потрошени 17 милиони долари. Поголемиот дел од парите го обезбедиле Хедрен и Маршал.

Иако истакнале дека во текот на снимањето на филмот ниедно животно не било повредено, тоа не може да се каже за актерите и екипата на сетот. Дури и ќерката на Типи Хедрен, денес познатата актерка Мелани Грифит, завршила на реконструктивна хируршка операција по повреда на лицето.



Снимателот Жан де Бонт заработил 220 конци откако бил нападнат од еден од лавовите. Маршал неколку пати бил каснат и завршил во болница со гангрена. Хедрен ја скршила ногата во текот на снимањето на една сцена со слон, а имала проблеми и со гангрена.

Додека некои актери јавно зборувале за сето она што го поминале во текот на снимањето, Грифит денес не сака да има никаква врска со филмот.

Премиерата на „Рикање“ била во 1981 година, а заработил 3 милиони долари. Пред четири години повторно почнал да се прикажува во американските кина.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура