Обожавателите на Џејмс Бонд наскоро ќе можат буквално да ги следат неговите стапки. Официјалната франшиза 007 најави дека наскоро ќе почне да нуди тематски турнеи кои ќе ги однесат обожавателите на дестинациите каде што се снимале филмовите за најпознатиот таен агент во светот.
Во соработка со луксузната туристичка компанија „Блек томејто“, ќе бидат понудени неколку гламурозни туристички 007 пакети. Филмовите за Џејмс Бонд се снимале низ целиот свет, од Јамајка и Куба, до Исланд и Хонгконг, а првата понуда ќе биде европска, 12-дневна турнеја со водич, наречена „Задача: Европа“. Ова луксузно патување под мотото „Светот на Бонд, твојата авантура“ може да си го дозволат оние што имаат 70.000 евра.
Авантурата почнува во Лондон каде што беше снимен „Доктор Ноу“ во 1962 година. Во соработка со филмските продуценти, се внимавало и на најситните детали. Целото искуство е многу повеќе од луксузни хотели и мартини.
Кога ќе пристигнете во Лондон со приватен „ренџ ровер“, ќе ве однесат во хотелот „Коринтија Лондон“. Првата задача ве води до Темза каде што ќе се качите на истиот „суперхок 34“ како од филмот „Светот не е доволен“ од 1999 година.
Вториот ден возачот ќе ве однесе во „Рулс“, најстариот лондонски ресторан познат од филмот „Спектра“. Во соодветна облека, ќе учествувате на предавање за правење мартини со водечкиот миксолог кој работел на филмовите за Бонд.
Третиот ден ќе одите на обука кај каскадерот Ли Морисон, кој работел на последните пет филма за Бонд. Заедно ќе ги совладате вештини за борби и паѓање. Ќе се возите во „астон мартин“, ќе бидете ВИП-гостин во „Лес Амбасадеур“, приватниот клуб за коцкање „Мејфер“, и ќе вечерате во ресторанот „Хамилтон плејс“.
Вашата авантура продолжува во Париз, па во Монако, па на езерото Комо, а последните денови ќе ги поминете во Венеција. Маршрутата останува исто толку возбудлива и ја следи филмската сага со одлична храна и Бонд-мени, приватни авиони и интимни обиколки на дестинациите каде што поминал Бонд.
Секоја станица носи нова задача, а секој дел од патувањето е објаснет со филмски цитат. Цената изгледа сосема соодветна со оглед на тоа што ќе видите, научите и консумирате во текот на 12 дена. Единственото нешто што можеби треба да го побарате е дополнителен слободен ден за да имате време за одмор по оваа доста активна тура.
Понудата можете да ја погледнете
ТУКА.