X
 17.10.2023 Живот

ЕУ бара рачниот багаж во авионите да биде бесплатен

Наскоро може да биде забрането плаќањето за рачен багаж во авионите во Европската Унија благодарение на уредба од Европскиот парламент.

Минатиот месец Комитетот за петиции на Европскиот парламент усвои уредба со која авионските агенции ќе мора да им обезбедат право на рачен багаж на патниците без дополнителни трошоци.

Некои нискобуџетни авионски компании заработуваат од наплаќање дополнителна сума за рачен багаж кога патникот купува билет, а ова овозможува манипулација со цените и искористување на патниците. Во случајот со „Рајанер“, патниците може да внесат ранец или рачна торба бесплатно во авионот, но не и куфер.

Од Европскиот суд на правдата посочиле дека рачниот багаж треба да се смета за основно право кое се остварува со купување на билетот.

Уредбата треба да ги реши проблемите со непостојаните политики на авионските компании за рачен багаж и нејасното рекламирање кое доведува до скриени трошоци. Освен тоа, би се овозможила регулација на стандардите за рачен багаж бидејќи авионските агенции имаат различни правила за тежината и големината на дозволен рачен багаж.

За да се имплементира, уредбата треба да биде одобрена и во Европската комисија и од страна на земјите-членки на ЕУ.

Извор: Schengen visa info
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот