X
 17.11.2020 Култура

Oва е една од најдобрите песни на сите времиња, а крие трагична приказна

Кога Дон Меклин имал 15 години, имал претчувство дека неговиот татко ќе умре. Вознемирен од ова претчувство, тој ѝ се доверил на својата баба, која му рекла дека тоа е глупост. Но, по само неколку дена неговиот татко навистина починал, и тоа пред него.

Меклин бил уништен од ова затоа што неговиот татко бил клучната фигура во неговиот живот и не знаел како ќе живее без него.

Како што сам признал во една пригода: - Плачев две години и се обвинував за неговата смрт. Ова станало клучна тема во неговите дела, а особено се чувствува во неговата „химна од 60-тите“, 8,5-минутната песна „American Pie“ што „Рекординг индустри асосиејшн оф Америка“ ја рангира во првите пет најдобри песни на сите времиња, веднаш по „Over the rainbow“ и „White Christmas“. Пред пет години оригиналниот рачно напишан текст од песната беше продаден за еден милион и 200 илјади долари, и тоа е третата највисока сума исплатена за некој американски ракопис.

За што станува збор?

Меклин ја напишал песната кога имал 24 години и воопшто не помислувал дека еден ден песната ќе добие свој документарец, претстава на Бродвеј, па дури и детска книга.

Сепак, многумина и денес не знаат за што станува збор во песната. Повеќето претпоставуваат дека е песна за културниот и политичкиот пад на Америка во 60-тите, песна во која авторот се збогува со американскиот сон по убиството на претседателот Кенеди. Но, тоа е само дел од приказната, а Меклин незаинтересирано заклучува: - На кого воопшто му е гајле? Но, се чини дека греши затоа што дури и по сите овие години многумина и понатаму се обидуваат да го дешифрираат текстот, а постои и веб-страница каде што обожавателите се обидуваат да одговорат на прашањата кој е дворскиот шут што пеел за кралот и кралицата во палто што го позајмил од Џејмс Дин или што било откриено на денот кога умрела музиката?

Тајната не е во текстот

Меклин веројатно знае сè, но тврди дека генијалниот дел не е текстот, туку структурата што е совршен спој на народната, рок и класичната поп-музика.

Во разговор со новинарот Роб Вокер, тој повторно се насочува кон неговото детство и „грдата тајна“ на неговата 15 години постара сестра Бети Ен, која била алкохоличарката и зависник од дрога.

- Не зборувавме за неа бидејќи никој не сакаше да ја каже вистината за тоа што ѝ се случуваше. Беше катастрофа. Отсекогаш беше окована. Беше ужасно. Се чистеше од дрогата, го напушташе домот и повторно ѝ се враќаше на дрогата. Тоа постојано се случуваше. Веројатно затоа и сум толку тажен. Сите мои песни се однесуваат на загуба и душевна болка. Никогаш не сум бил навистина среќен - изјавил тој.

Сепак, иако во својата песна зборува за добри стари времиња или попрецизно 50-тите години, Меклин не сакал да расте во една населба преполна со припадници на горната средна класа.

- Дискриминираа за што било. Ако не возевте вистински автомобил, ако немавте доволно пари, ако не ги носевте вистинските чевли. Ги мразев тие луѓе - раскажува тој.

Проблемот со Боб Дилан

Сепак, беше откриено значењето на зборовите во песната: „Денот кога умре музиката“. Имено, многумина веруваат дека овие зборови се однесуваат на музичарот Бади Холи, кој во 1959 година загина во авионска несреќа. Но, во друго интервју тој признава дека песната е и за загубата на неговиот татко.

- Погодивте. Затоа не сакам да зборувам за текстот, затоа што сакав да опишам нешто што е речиси невозможно да се опише. Неописливо е. „Аmerican Pie“ е биографска песна - вели тој.

Но, некои веруваат дека песната е шега на сметка на Боб Дилан, иако Меклин не признава. Тој не сакал да му ја признае вистината дури ни на синот на Боб Дилан, Џејкоб.

- Напишав песна за која сите на светот знаат дека не треба да ве направи огорчена личност. Но, добро би било да имате многу сила во вас, затоа што ќе ве исцрпи - рече Меклин.



Извор: Index.hr
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура