X
 17.12.2015 Образование

Четири работи кои на децата не им се потребни

Сме прочитале многу текстови на тема, што е она што е потребно за да се одгледаат добри и успешни деца. Листи на сè што задолжително треба да се има во домот и што сигуно, кога се` ќе се собере, чини неколку просечни плати.

Многу родители не се во можност на децата да им го дозволат сето она што сакаат да го имаат или макар толку колку што имаат нивните другари.

Секогаш кога ќе се почувствувате лошо што не можете на детето да му купите скап уред или најнов модел на патики, прочитајте ја оваа листа на оние работи кои дефинитивно не им се потребни на децата:

1. Aпсолутно не им се потребни двесте играчки кои светат, свират и трошат батерии.

2. Не им е потребен ниту најновиот мобилен телефон само затоа што некој друг го има.

3. Дефинитивно не им се потребни брендирани алишта во сите можни бои од француски бутици во кои „Добар ден" чини 100 евра.

4. Не им се потребни скапи дополнителни активности (јавање, скијање, тенис) секој ден после училиште.

Тогаш, што им е потребно?

Потребна им е поддршка и љубов. Ова на сите им е јасно што значи - разбирање за истурената чаша наместо викање, разговори за малите и обични работи секој ден, заеднички вечери што почесто. Зборовите „Те сакам" се лековити, не ги штедете.

Потребни им се обични, едноставни играчки - коцки, хартија и боици, како и поттик да ја користат фантазијата и да си играат со сето она што им е на дофат. Картонските садови за колачи или кутиите за јајца ќе им бидат посебно интересни. Кога ќе ја соберат својата колекција од едноставни работи, обезбедете им некое сигурно место каде што ќе си ги чуваат.

На децата им е потребна облека која ќе можат да ја извалкаат. Потребни им се работи кои можат да ги облечат во специјални пригоди. Ова посебно важи за девојчињата, на кои им е потребна престилка додека ви помагаат во кујната или стари фустани и марами, за да вежбаат облекување.

Потребно им е време поминато со родителите и роднините. Потребна им е игра надвор, прошетка во Зоолошка градина, на фарма или во град (ако живеат во село). Децата треба да посетат музеј, да видат фонтана и да одат на пливање. Потребни им се средби со природата. На децата им е потребно галење, скокоткање, шегување и потребно им е да бидат опкружени со различни луѓе од секоја возраст.

На децата треба да им се овозможи да поставуваат прашања, но потребно е и да им се покаже како сами да го најдат одговорот во книгите или преку набљудување. Потребно им е од вас да чујат „не знам, ајде да го пронајдеме одговорот заедно" или „Тоа е одлично прашање, драго ми е што баш тоа ме праша". Поставете им прашање на пример „Ако си животно, кое животно би бил/а?" или „Ако си боја, која боја би бил/а?

На децата треба да им се овозможи да истражуваат. Треба да им дозволите да се качуваат високо, да бушат предмети со дрвен стап, да подигнуваат камења. Дозволете им да возат точак, иако ќе се плашат на почетокот. Нека бидат надвор од вашиот видокруг во еден дел од денот и нека самите ги решаваат своите мали конфикти. Нека трчаат додека не се изморат. На децата им е потребно да работат. Нека прават и продаваат лимонада, на пример. Заработените пари нека ги потрошат на она што самите го сакаат или нека ги поделат со некој на кој работата не му успеала.

На децата им е потребен сон. Треба да одат на спиење на време, за да се одморат за утрешниот ден. Потребно е да поминат време без да гледаат во телевизиски или компјутерски екран. Можеби ќе посакаат да наместат шатор и да спијат под ѕвездите. Потребни им се моменти на тишина за да ги слушнат сопствените мисли, но и бука, со тапани, марширање и песна.

Потребни им се книги и родители кои ќе им читаат. Потребни им се и други деца на кои тие самите ќе им читаат. Потребни им се книги на кои ќе се восхитуваат, како и книги кои ќе ги насмеат. Им требаат стихови кои ќе ги повторуваат во себе. На децата им се потребни карактери кои ќе ги инспирираат. Херои на кои ќе им се восхитуваат и губитници кои ќе ги жалат.

Па, ако пред себе имате предолг список на играчки за кои мислите дека ќе го израдуваат вашето дете за Нова година, или го гледате комшијата кој на своето дете му купил скап смартфон, а вашиот буџет тоа не го дозволува, или пак, чувствувате вина што вашето дете не сте го запишале на балет или на гимнастика - не се чувствувајте виновни. Постојат само неколку работи кои им се потребни на децата и тие не се скапи. За нив е потребно само нашето време и нашата поддршка, за да детето се чувсвува безбедно, што е минимална цена која можеме да ја платиме.
Подготвил: Антонија Поповска-Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование